Инспекцискиот надзор утврдил нерегуларности на универзитетите во Тетово, Охрид и Струга – откри министерката за образование Весна Јаневска во интервју за Радио Слободна Европа. Според неа, на Тетовскиот универзитет каде инспекцискиот надзор сè уште трае, за сега бил утврден нелегален избор на двајца професори, а на универзитетот во Струга по извршена контрола бил затворен смерот за медицински науки. Јаневска соопшти и дека до сега затворени се 2 научни институти.
„Тоа се повторно процеси коишто траат и кои сè уште се во фаза на анализа затоа што и Законот за просветна инспекција дава одредени насоки како треба да се работи. За некои пропусти се вели дека треба да се отстранат во одреден рок, потоа Државниот просветен инспекторат оди да провери дали се отстранети или не се. Во овој момент не можам да тврдам дали ќе се затворат, но испекцискиот надзор ќе каже што ќе треба да се направи тогаш кога ќе биде завршен“, рече министерката за образование.