Пратеничката Моника Зајкова, шеф на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), учествува на Состанокот на Мрежата на млади парламентaрци на ПС на ОБСЕ, што се одржува од 4 до 6 септември 2024 година во Ставангер, Норвешка. Главна тема на состанокот е енергетската безбедност и младите, со цел младите парламентарци од ПС на ОБСЕ поблизу да се запознаат со енергетските прашања и решенија и истите да се разгледаат од перспектива на безбедносната политика.
Пред пратениците се обратија високи претставници на Регионот Ставангер и на Стопанската комора на Ставaнгер, којшто е седиште на неколку енергетски компании и затоа се нарекува енергетски главен град на Норвешка. Свое обраќање имаше и Томас Атард, портпарол на Малтешкото претседателство со ОБСЕ, кој се осврна на значењето на енергетската безбедност, што драстично се зголеми од почетокот на руската агресивна војна во Украина, како и на зелената транзиција кон енергетски систем, којшто е климатски поприфатлив.
Во дискусијата што следеше, во која учествуваше и пратеничката Моника Зајкова, стана збор за улогата на младите парламентарци во обликувањето на идната енергетска безбедност. Во рамките на состанокот во Ставангер, се одржа и седница на Мрежата на млади парламентaрци на ПС на ОБСЕ. На седницата, Дејвид Стогмулер, пратеник од Австрија и претседател на Мрежата, поднесе извештај за активностите на ова тело, со акцент на резолуцијата за младинските перспективи во иднината на меѓународните односи, усвоена на Годишната сесија на ПС на ОБСЕ. На седницата стана збор и за резултатите од иницијативата „Младински перспективи“, како и плановите за 2024 – 2025 година. Младите пратеници разменија мислења и предлози за идните активности на Мрежата.
Програмата продолжува со средба со градоначалникот на Ставангер, како и посета на хидроцентралата „Форли“, Норвешката офшор дирекција, Зедничкиот воен центар на НАТО и седиштето на енергентската компанија Equinor ASA. Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина.
5 септември, Ставангер, Норвешка