Кај што живеам во Кисела вода имаше еден Мише, лице со атипичност. Беше постар од мене, не знам точно колку, малку подгрбавен и говорот му беше отежнат. Причината зошто беше таков никогаш не ја дознав, можеби при раѓањето нешто се случило, дали некоја подоцнежна повреда или болест, а еден од муабетите кои се вртеа беше дека бил погоден од гром. Сеедно, што и да беше Мише си имаше мака.
Мише сакаше да се дружи, се движеше онаму каде што имаше луѓе или ќе дојдеше да не гледа кога ќе игравме фудбал во паркот преку илица или во школски на 13-ти ноември (денешно Круме, ама јас сум ретро олд скул нели ) или џамлии, чифт-тек пред Жито лукс, камај околу кулите. Беше онаму кај што имаше луѓе.
Дефинитивно беше необичен но разговорлив. На почетокот ми беше тешко да го разберам, но се трудев да сконтам и си правевме муабет, а колку подолго ќе зборувавме толку полесен ми стануваше за разбирање.
Ќе се видевме во маало.
– Што прајш Мише, како си?
– Добар еве. Дојди нешто да ти кажам.
Ќе се доближев, ќе ме фатеше за рака.
– Многу лоши се децава, одам да ги искарам.
– Што ти направија?
– Ми фрлаа со нешто, ме прскаа со вода и викаа Мише будалата.
Често се случуваше ова, не само во мое време туку и до пред 5-6 години, а за него цел живот. Во една таква ситуација видов кои беа децата, 10-12 годишни, во зградата позади мене. Им викам, деца зошто бе така правите, како прво воопшто не е убаво. Второ Мише е многу повозрасен од вас, да, си има мака ама тој вас ништо не ви прави нели? Трето, можеби и најбитно, Мише е многу силен, ама навистина, сакајќи да се одбрани ама и налутен не сакајќи може да ве повреди. Затоа другпат немојте, во ред?
Навистина, имаше многу сила која на моменти не можеше да ја контролира и токму затоа им го кажав тоа, за недај боже да не се напрај некоја поголема беља.
Секогаш кога ќе се видевме ќе се насмевнеше и ќе помуабетевме. Еднаш со синот кога имаше околу 2-3 години го видовме Мише во продавницата долу кај нас. Ми се чини дека тогаш ја видов неговата најубава насмевка. Мише секогаш си правеше муабет и со него, се гледа дека сакаше деца, па така и сега. Сакаше да го гушне, го крена, му се смееше. Дружељубив беше но и многу осетлив и навреден од сите оние работи кои му ги правеа и довикуваа многумина.
– Кај работиш?
– Во амбуланта сум Мише.
Од тој момент ми викаше докторе. Кога ќе ме видеше често ми бараше докторско пенкало да му донесам од амбулантата и инкеција.
– Еве ти пенкало Мише (којзнае колку му дадов) ама инекција не смеам, добро?
– Добро, ама да донесеш важи?
– Важи бе Мише.
(и така на секое гледање имав „наредба“ да му донесам инекција )
Што ми е муабетот……
Учете ги децата дека и зборовите болат, можеби и повеќе од удар, учете ги дека има различности, дека Мише и другите иако различни сепак се луѓе како и сите ние. Кажувајте им дека ништо не боли и не е страшно да им возвратат на муабет но и да започнат муабет, да не ги избегнуваат, да им посветат малку внимание затоа што тие се тука, комшии ни се, роднини, соученици. Наши се. Прашајте ги како би се чувствувале тие некој нив да ги навредува.
Учете ги да не го прават она што не сакаат да им го прават.
Едноставно учете ги да прифаќаат и почитуваат различности. Мише беше различен.
Ама беше Мише
Денис Јанкуловски, фб пост