Министерството за правда се уште нема абер од Турција кога би бил екстрадиран Љупчо Палевски – Палчо, осомничениот за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски.
Немаат одговор ниту дали му е продолжен притворот од 40 дена кој му истече на почетокот од месецов и до каде се административните процедури за негова екстрадиција.
Последно, на 8 февруари, министерот за правда, Кренар Лога беше во посета на Анкара и кажа дека по завршувањето на административните процедури се очекува Палевски да биде испорачан.
–Министерот за правда Кренар Лога за време на посетата на Анкара имаше средба со министерот за правда Јилмаз Тунч на која беше информиран дека судскиот процес за Палевски е завршен и се очекува да завршат и административните процедури по што се очекува Палевски да бид екстрадиран во нашата држава. Кога ќе добиеме какви било нови информации во врска со екстрадицијата на Палевски, навреме ќе ја информираме јавноста, велат од Министерството за правда за „Фокус“.Палевски е главен осомничен за свирепото убиство на девојчето и велешанецот. Другите осомничени, меѓу кои и таткото на девојчето се наоѓаат во притвор во Шутка.Таткото кој е осомничен дека им помагал вчера на јавна седница на Апелација побара да му се укине притворот и да му бидат одредени поблаги мерки.