ИГМ-Трејд на Илија Гечев, неодамна неформално прогласен за најбогат Македонец, е на првото место по остварена добивка во 2023 меѓу сите останати во Кавадарци. Производителот на челични цевки има добивка од 16.000.000 евра за минатата година.
На второто место е винарската визба АД Тиквеш, на групацијата „М-6“ предводена од Светозар Јаневски, а трет е Машинокоп на Лазар Пончев, инаку компанија која е специјализирана за пробивање на траси на патишта и за проширување на рударски окна со минирање. ИГМ-Трејд, АД Тиквеш и Машинокоп се наедно и на листата на Топ-100 компании со најголеми добивки годинава на ниво на целата земја.
Странскиот инвеститор Дракслмајер, кој покрај Кавадарци има и фабрика во Куманово за кабелски сетови за автомобилската индустрија, е на 4.позиција, а по него следува дијализниот центар Нефроплус на Орка Холдинг. Холандскиот Алајанс Уан, кој откупува и преработува тутун во објектот под закуп на ИГМ-Трејд, е на шестото место, а седми е Црна Река на Лазар Мицев, еден од најголемите продавачи на нафтени деривати на мало и на големо во земјата.
Поголеми добивки имаат остварено и Екстра 03 за туристички превоз (Екстрабус, агенција) и поштенски пратки на Николина Панчева, како и КАМ Смарк, кој поседува неколку десетици автобуси и комби возила за локален и регионален превоз и е во сопственост на Оливер и Спасија Колеви. Најпопуларни тури на двете компании им се Солун и Острог.