Филипинската крајбрежна стража денеска ја обвини Кина дека извршила „опасни“ акции за време на патрола кај филипинскиот брег во Јужното Кинеско Море, односно како што тие го нарекуваат – Западно Филипинско Море. Бродовите на кинеската крајбрежна стража „спроведоа опасни акции и четири пати блокираа филипински патролен брод“, соопшти Манила.
Патролниот брод Тереза Магбануа беше испратен на почетокот на февруари „за да се осигура безбедноста на филипинските рибари“ околу гребенот Скарборо во Јужното Кинеско Море, кој се наоѓа на околу 350 километри западно од Манила, се вели во соопштението. Тој гребен Кина го одзеде од Филипините во 2012 година.
За време на мисијата, како што се наведува во соопштението, патролниот брод бил „придружуван“ од четири брода на кинеската крајбрежна стража.
Пекинг тврди дека речиси целото Јужно Кинеско Море, вклучувајќи ги и водите и островите во близина на бреговите на неговите соседи се кинески и пркоси на пресудата на Меѓународниот суд од 2016 година со која се отфрла барањето на Кина.