Присуствував на првиот IGF во 2006 година во Атина. Се сеќавам на Атинскиот IGF кој беше фокусиран на дискусијата за сеопфатни прашања поврзани за иднината на информатичките и комуникациските технлогии, вклучувајќи ја контролата на интернет-архитектурата и системот на нумерирање и именување, безбедноста, интелектуалната сопственост, отвореноста, поврзаноста, расходите и повеќејазичноста. Некои од овие прашања се релевантни и денес. Оттогаш сум учествувал на неколку IGF, коишто ми помогнаа да запознаам и да учам од луѓе кои споделуваат слични вредности и визија, активни сограѓани од целиот свет со слични надежи и страхувања за иднината на интернет.
За IGF 2023 во Кјото
Оваа година, 18-от IGF состанок се одржа во Кјото, Јапонија, во периодот од 8 до 12 октомври 2023 година. За мене, тоа беше причина за двојна возбуда. Прво, значеше дека за првпат ќе ја посетам Јапонија, државата која инспирираше и обликуваше толку многу аспекти од мојот професионален живот. И, второ, како и секогаш, да си дел од IGF значеше дека уште еднаш ќе имам можност да се впуштам во отворен дијалог, да споделам и учам од најразлични страни кои имаат искрен и добронамерен интерес во обликувањето на иднината на интернет.
Форумот спои засегнати чинители од влади, бизниси, граѓанско општество и од академија за да дискутираат широк спектар на прашања од областа на иднината на интернет. Годинава главната тема беше „Сакаме интернет – што ги зајакнува сите луѓе“. Беа организирани околу 300 сесии и работилници од најразлични засегнати чинители. Овие сесии навлегоа во бројни интернет-прашања и беа поделени во осум под-теми (вештачка интелигенција и нови технологии, дигитални јазови, човекови права и слободи, сајбер-безбедност, сајбер-криминал итн.), при тоа создавајќи колаборативна средина за истражување на пејсажот на дигиталното царство што постојано се развива. Понекогаш суштинското учество беше предизвик поради совпаѓањето на неколку интересни сесии и работилници.
Клучните резултати од IGF 2023 вклучуваат обновена посветеност на приодот на повеќекратни засегнати чинители за интернет-владеење. Уште еднаш учесниците ја потврдија важноста на повеќекратниот приод при решавањето на глобалните интернет-предизвици и повикаа на натамошни напори за зајакнување на инклузивното и ефективното учество. Форумот, уште еднаш, потсети на потребата од решавање на дигиталните јазови и за промоцијата на дигиталната инклузија. Важноста на премостувањето на дигиталните јазови и обезбедувањето еднаков пристап до интернет за сите луѓе, особено оние во посиромашните заедници, беше нагласена во неколку сесии од страна на учесниците на IGF.
Како што и се очекуваше, улогата на вештачката интелигенција и новите технологии во обликувањето на иднината на интернет беше важно прашање на годинашното издание на IFG. Учесниците дискутираа за потенцијалот и предизвиците на вештачката интелигенција и новите технологии и повикаа на одговорен развој и примена на таквите технологии.
Исто така, учесниците изразија загриженост за се поголемата фрагментација на интернет и повикаа на дополнителни напори за промоција на глобална соработка и интероперабилност. Учесниците, исто така, дискутираа за се поголемите закани од сајбер-безбедноста и сајбер-криминалот и повикаа на подобри мерки за заштита на онлајн приватноста и безбедноста. Натаму, форумот го истакна еколошкото влијание на интернет и побара политики што промовираат одржливост и го намалуваат еколошкиот отпечаток на дигиталната економија.
IGF–2023 заврши со повик за акција за сите засегнати чинители да работат заедно на изградбата на поинклузивен, побалансиран и поодржлив интернет што ги зајакнува сите луѓе.
Покрај тоа, од IGF–2023 произлегоа неколку конкретни аутпути:
-
Донесување на сет на препораки за вештачка интелигенција и нови технологии: Овие препораки се залагаат за одговорен развој и примена на вештачка интелигенција, со фокус на човековите права, траспарентноста и отчетноста.
-
Отпочнување на нова иницијатива за дигитални јазови и инклузија: Оваа иницијатива ќе биде насочена кон идентификување и решавање на пречките на дигиталниот пристап и инклузија, особено во државите во развој.
-
Создавање на нова работна група за сајбер-безбедност и сајбер-криминал: Оваа работна група ќе изготви препораки за зајакнување на сајбер-безбедноста и за решавање на сајбер-заканите.
-
Донесување на декларација за интернет фрагментацијата: Оваа декларација повикува на напори за промовирање на глобална соработка и интероперабилност на интернет.
-
Отпочнување со нова иницијатива за одржливост и животна средина: Оваа иницијатива ќе го истражува влијанието на интернет врз животната средина и ќе изготви препораки за промоција на одржливи практики.
Резултатите од форумот нудат важни насоки за креаторите на политики, бизнисите и за граѓанското општество, бидејќи тие работат на воспоставување на поинклузивна, побалансирана и поодржлива дигитална иднина.
Според очекуваното, Владата на Јапонија направи се за да се чувствуваме добредојдени, а годинашниот форум беше исклучително добро организиран. Од срце им благодарам на сите што беа вклучени во организацијата на IGF во Кјото, на Владата на Јапонија, ООН, Секретаријатот на IGF и други организации на граѓанското општество и поддржувачи на IGF.
ЈАПОНИЈА…
Мојата прва посета на Јапонија беше впечатливо искуство со оглед на тоа дека оваа држава одигра значајна улога во обликувањето на мојот професионален пат. Љубовта кон технологијата започна со мојата фасцинација за цртани филмови, манга и аниме што, пак, започна за време на мојот престој во Франција каде што живеев до мојата 12-годишна возраст. Аниме зазема посебно место во моето срце. Самото име „Фондација метаморфозис“ беше инспирирано од саканата јапонска анимирана серија од 80-те креирана од Go Nagai—Goldorak (на англиски познат како Grendizer). Еден од клучните моменти во серијата е кога главниот јунак, соочен со заканите од вселенски освојувачи, ќе извика „Метаморфозис!“ (или “Metamorphose!” на француски) додека се трансформира и влегува во џиновски робот (Goldorak), спасувајќи ја планетата. Длабоко ме допре овој концепт на трансформација и подобрување. Имав можност да зборувам и да го споделам моето искуство во врска со ова на Фестивалот на јапонска култура организиран од прекрасниот тим на Japan.net.mk во Скопје во мај годинава.
Совршено се совпаѓа со суштинската филозофија на Фондацијата метаморфозис, којашто се занимава со искористување на моќта на дигиталната трансформација за подобрување на општеството, водејќи сметка за тоа дека технологијата служи за подобрување на квалитетот на животот наместо обратно. Во основа, се стремиме технологијата да работи за нас. Овој етос црпи инспирација од „Kaizen“ (改善), друг јапонски концепт кој нагласува континуиран напредок што силно влијае на мисијата и визијата на нашата фондација.
Покрај посетата на многу локалитети на културно наследство, за време на мојот престој во Кјото, го имав задоволството да го истражам Kyoto International Manga Museum — вистински рај за манга ентузијасти и пријатно искуство за сите оние коишто ја ценат оваа оригинална уметничка форма и раскажување приказни.
Добро познато е дека Јапонија има долга и богата историја на иновации и технолошки напредок. Јапонија е постојано предводник на технолошкиот развој. Ова делумно се должи на силниот акцент што државата го става на образованието и истражувањето, како и на длабоко всадените културни вредности како што се прецизноста, трудољубивоста и колективната одговорност. Јапанија и натаму е лидер во областите роботика, вештачка интелигенција и биотехнологија. Државата е исто така домицилна за неколку светски познати технолошки компании како што се Sony, Panasonic, Fujitsu, Toshiba и уште многу други.
Јапонската култура, исто така, одиграла значајна улога во развојот на технологијата. Акцентот што државата го става на хармонијата и почитта кон природата е евидентен во дизајнот на многу јапонски производи коишто се истовремено и функционални, но и естетско задоволувачки. Исто така, јапонскиот концепт на „wa“ (和), што ја нагласува важноста на групната хармонија и соработка, е клучен фактор на успехот на јапонските технолошки компании. Културата на иновации и технолошки напредок најверојатно ќе продолжи во годините што доаѓаат. Јапонскиот силен фокус на образованието и истражувањето ќе продолжи да произведува низа талентирани инженери и научници коишто ќе ги насочуваат иновациите.
За мене, Јапонија е светол пример за тоа како едно општество може да цути кога се води од принципите на почит кон другите, емпатија за најразлични перспективи, колаборативни напори, дисциплинирана работна етика и вистинска страст за искористување на технологијата за подобрување на животот на човекот.
Метаморфозис во континуитет работи на тоа технологијата да стане сила за добро која ќе придонесува во градењето општество што е технолошки напредно и социјално хармонично. Јапонија продолжува да биде огромна инспирација.