Хотелот „Ово Патагонија“ во Аргентина може да се опише како сместување само за најхрабрите, имајќи предвид дека стигнувањето до таму вклучува планинарење и преноќување во капсули кои висат над провалија. Сместувањето се состои од проѕирни капсули кои висат од карпа на речиси 275 метри височина. Пристапот вклучува пешачење длабоко во аргентинската Патагонија, проследено со планинска патека „виа ферата“. Потребни се појаси, шлемови и значителна количина на храброст за искуството.
„Сакаме да имаме уникатни искуства во контакт со височините и во контакт со нашето најинтимно искуство за излегување од нашата комфорна зона. Тоа е всушност нашиот слоган: излезeте од вашата комфорна зона со удобност“, изјавил Езекиел Руте, ко-основачот на хотелот, за „Форбс“.
Аргентинскиот авантурист повеќе од една деценија практикува одење со сајла меѓу планините, заедно со ко-основачот на хотелот, архитектот Луис Апарисио. Заедно со идејата да ги запознаат оние што не се качуваат со убавините на стоењето над празнината, адреналинскиот наплив на соочување со стравот и хипнотизирачкото задоволство од гледањето во високите облаци, парот сакаше да создаде уметничка инсталација која во иднина би било лесно да се отстрани. По повеќе од три години работа со специјализиран тим од планинари, инженери и геомеханички техничари, во декември го отвораат како што најавуваат највисокиот хотел во светот и најизложен на природните сили. Она што го нудат е многу повеќе од ноќно гледање ѕвезди во Патагонија.
Иако ветрот е речиси загарантиран, а вртоглавицата е реална можност, Руте нагласува дека „Ово Патагонија“ е за секој луксузен патник со разумно ниво на фитнес и чувство за авантура. Искусни планински водичи ги придружуваат гостите нагоре и надолу, доставуваат вечера и појадок и спијат во близина со вклучено радио. Гостите можат да ги контактираат во секое време доколку им треба одредено уверување. Гостите може да резервираат ноќевање во хотелот од 1.600 долари за двајца, заедно со три ноќевања (кои не се вклучени во сумата) во блиското сместување „Естанциа Бонанза“. Искуството започнува во градот Ел Чатлен, од каде што гостите одат во главната ложа, каде што им даваат ранци и опрема. Оттаму, тоа е околу еден час пешачење до просторот за поставување, по што следи пет минути одење преку планинскиот пат (систем од платформи и скали) што ги носи до нивната капсула.
Секоја од четирите капсули има дизајн на три нивоа и многу карактеристики на луксузните хотелски соби. На највисокото ниво има кревет кој го исполнува најголемиот дел од просторот. Средното ниво е за дневната соба, мала трпезариска маса и бањата во која има тоалет и проточна вода за мијалник. Мрежата слична на нишалка на најниското ниво нуди уште една област за одмор. Инженерите ги документираа нивните студии и процес и сите беа потврдени од врвни инженерски училишта, со што се нуди безбедност за секој кој може да биде загрижен за лабавите завртки.