Претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, генерал д-р Павле Арсоски, присуствуваше на конференција на тема „Зајакнување на помошната улога на Црвениот крст кон властите во кризниот менаџмент“, во организација на Црвен Крст на Република Северна Македонија, а под покровителство на Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
На конференцијата беа споделени искуства на полето на кризниот менаџмет и иницијативи за подобрување на ефикасноста на институциите за одговор при итни состојба. Исто така, беше претставена Студијата на случај „Хуманитарен одговор 2023“ со препораки и насоки за организирање на симулациска вежба која Црвен крст ја организираше во соработка со сите институции.
На настанот присуствуваа пратеници, истакнати професори, експерти од облста на кризниот менаџмент, поддржувачи и волонтери на Црвениот крст. Свое обраќање имаа генералениот секретар на Црвен крст, д-р Саит Саити, потпретседателот на Владата и министер за политички систем Љупчо Димовски, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, генерал д-р Павле Арсоски.
Пратеникот Арсоски имаше свое обраќање на кое истакна дека од самиот почеток во 1945 година па до денес, Црвениот Крст расте и се развива напоредно со развојот на модерната македонска држава – како своевиден современик на настаните од нашата понова историја.
Низ годиниве оваа организација одново и одново се докажува како доверлив и сигурен партнер на граѓаните, особено на загрозените и ранливи категории – како дополна на јавните хуманитарни услуги во време на мир и на државните институции во време на вонредни состојби и кризи. Во делот на социјалната сигурност и заштита на граѓаните, особено на ранливите категории на граѓани, земјава гради одговорни политики и инвестира во рамки на можностите, кои треба постојано да се унапредуваат.
Во делот на кризниот менаџмент и покрај донесената законска и подзаконска регулатива, спроведените реформи и разработени процедури и правила, системот пројавува бројни слабости во секоја нова вонредна состојба и криза. Како државна власт мора да преземеме одлучни и правилни чекори на доведување на системот до состојба на целосна оперативност и ефикасност во служба на граѓаните.