Во заедничка организација на ПС на НАТО и Сејмот и Сенатот на Република Полска, на 16 и 17 септември 2024 година, во Варшава се одржа 106-от Рос-Рот семинар на тема: “Силна одбрана и демократска отпорност: Полска, адаптацијата на НАТО и идната европска безбедност”.
На настанот, на кој присуствуваа околу 200 учесници од парламенти на земјите членки и асоцијативните членки на НАТО, државите партнери, високи официјални претставници на меѓународните организации, невладиниот сектор, универзитети, владини и претставници на истражувачки институти, од Собранието учествуваа пратениците: Драган Ковачки – шеф на Делегацијата во ПС на НАТО, Беким Сали и Славјанка Петровска – членови на Делегацијата.
Семинарот го отворија Маркос Перестрело Де Васконселос, шеф на португалската делегација и потпретседател на ПС на НАТО, Јоана Клузик-Ростковска, шеф на Полската делегација во ПС на НАТО, Симон Холовнија, спикер на Сејмот, Малгорзата Кидава-Блонска, спикер на Сенатот на Република Полска и Фабрис Филије, Амбасадор на Швајцарија во Република Полска, Цезари Томчик, државен секретар во Министерството за одбрана на Полска и Јечек Сивиера, Шеф на Националното безбедносно биро на Полска.
Парламентарците имаа уникатна можност да разменат мислења и продискутираат за прашања поврзани со зајакнување на Источното крило на НАТО, опкружувањата и актуелниот развој на настаните во тој регион, за поддршката на Украина и зачувувањето на поредокот базиран на правила, тековните случувања во Белорусија, заштита на демократските општества од влијанијата на автократските режими и ширењето на лажните вести и дезинформации.
Имајќи ја предвид моменталната катастрофална состојба и жртвите во поплавите во Полска, сите говорници ја искористија приликата да изразат сочувство на семејствата на загинатите и солидарност со полскиот народ за справување со овие временски непогоди. Во овој контекст, беше особено потенцирана важноста од цивилна, воена и институционална подготвеност на земјите за справување и одговор на ваков вид на општествени предизвици.
За време на дводневниот семинар, беше потврдена недвосмислената поддршка на Украина во борбата протов рускиот агресор до конечна победа и обезбедувањето на помош согласно потребите на украинскиот народ и институции, но и поддршка истовремено за победа на демократските вредности и почитувањето на меѓународното право.
Во однос на зајакнувањето на Источното крило на НАТО и состојбите на Балтикот, беше поздравена уште улогата на Финска и Шведска по нивното зачленување во Алијансата и додадената вредност во воени капацитети. На темата посветена за случувањата во Белорурија, свое обраќање имаше Светлана Цикановскаја, лидер на Демократските сили на Белорусија, која ја претстави ситуацијата во земјата и мислењето на граѓаните за војната во Украина и односите со Русија.
Последната тема, на која се дискутираше за соочувањето со и делувањето против автократиите и зајакнувањето на демократската отпорност, покрена низа на прашања за растечките промени во демократскиот свет, опаѓањето на слободата на говор, масовното ширење на лажни вести, дезинформациите и регулирањето на онлајн платформите за спречување на вакви појави.
Ескпертите апелираа за што поскоро формирање на Демократски Центар за отпорност во рамките на НАТО, како и за измена на Етички кодекси и правила за интегритет во националните парламенти, во кои ќе се вметнат одредби и за дезинформации и интегритет на говор.
***
Програмата Рос-Рот беше иницирана во 1990 година од тогашниот претседавач на Парламентарното собрание на НАТО, конгресменот Чарли Роуз и сенаторот Бил Рот. Целта на семинарите е зајакнување на соработката на ПС на НАТО со земјите од Централна и Источна Европа. Првично, програмата се фокусираше на поддршка на овие земји во процесот на демократизација и спроведување на политички и економски реформи по падот на Берлинскиот ѕид. Во моментов, семинарите се главно посветени на регионалните безбедносни прашања, особено на Балканот и за Источното крило на НАТО.
ПС на НАТО е мултилатерално парламентарно собрание основано во 1955 година како консултативно собрание на НАТО и денес истото обединува парламентарци од 32-те земји членки на НАТО, асоцијативни делегации, регионални и медитерански партнери, делегации со статус набљудувач (меѓу кои и од ПС на ОБСЕ и ПС на Советот на Европа), како и посебна делегација од Европскиот парламент. Собранието воспоставува суштинска врска меѓу НАТО и парламентите на НАТО нациите, обезбедува поголема транспарентност на политиките на НАТО и придонесува да се зајакнат трансатлантските вредности на Алијансата.