Голем шумски пожар од утрово беснее и е надвор од контрола на северните краишта на грчката престолнина. Пожарот предизвика бројни евакуации на атинските предградија и оддалечените области, бидејќи силните ветрови ги попречија напорите на стотици пожарникари и десетици авиони да ја зауздаат стихијата.
Полициската управа објави видео на своите канали на социјалните мрежи на кое се гледа како полицајците носат луѓе во раце надвор од куќите и до возилата. Противпожарната служба апелираше до жителите да ги следат наредбите за евакуација, а властите забележаа дека некои луѓе кои одбиле да ги напуштат своите домови подоцна останале заробени и барале спасување, загрозувајќи ги животите на пожарникарите. Три болници во Атина се во состојба на зголемена готовност.
Атинското лекарско здружение ги повика жителите во близина на погодените области да бидат претпазливи, особено оние со хронични заболувања, постарите, бремените жени, малите деца и оние со респираторни и срцеви проблеми. Пријавени се прекини на струја во неколку делови на главниот град, а без напојување останаа и семафорите на главните крстосници во центарот на градот. Шумскиот пожар се движи низ сувите борови шуми.
Во меѓувреме Франција, Чешка и Италија позитивно одговориле на барањето на Грција за помош за гаснењето на пожарите во областа Атика, упатено преку Европскиот механизам за цивилна заштита.
Како што соопштија од Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција, барањето било за помош со воздушни и копнени средства, по што Франција ќе испрати хеликоптер од типот Супер Пума со кофа и се очекува да пристигне вечерва, од Италија утре наутро се очекува да пристигнат два противпожарни авиони Канадер, додека пак Чешка испраќа 75 пожарникари и 25 возила, од кои девет се цистерни.
Дополнително, се очекува и финализирање на помошта од Шпанија и Турција.
Ситуацијата со пожарот во североисточниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина и понатаму е критична, а огнените јазици кои брзо се шират поради ветерот, сè уште не се ставени под контрола. Шумските пожари се чести во Грција за време на нејзините топли и суви лета, но властите рекоа дека климатските промени поттикнуваат поголеми и почести пожари.
Во 2018 година, голем пожар го зафати приморскиот град Мати, источно од Атина, заробувајќи ги луѓето во нивните домови и на патиштата додека се обидуваа да побегнат со своите автомобили.
Повеќе од 100 луѓе загинаа, вклучително и некои кои се удавија обидувајќи се да пливаат подалеку од пламените јазици.