Собранието на Република Северна Македонија со експертска помош од Европската комисија преку инструментот TAIEX на 7 и 8 ноември одржа дводневна работилница во Скопје, посветена на унапредување на политиките за транспарентност и интегритет.
Воведно обраќање имаше заменик-секретарот на Собранието Никола Ѓошевски, кој истакна дека можноста за користење на услугите на TAIEX, особено во делот на обезбедување на техничка помош при транспонирање и спроведување на законодавството на ЕУ, е од исклучително значење за Собранието на Република Северна Македонија.
Целта на работилницата е да се подобри транспарентноста и интегритетот на Собранието (објавување изјава за интереси, изјава за имотна состојба на почетокот и крајот на мандатот, прашањата за имунитетот, политиките и процедурите за интегритет во парламентите, етички кодекс на пратениците и државните службеници).
На работилницата, експерти од Франција и Хрватска, заедно со собраниски службеници и служба од Државната комисија за спречување корупција, разменија искуства во однос на етичкиот парламентарен систем. Имено, во презентациите на експертите од Франција и Хрватска беше потенцирана важноста на транспарентноста и отвореноста на Парламентот.
На работилницата посебно беше потенцирана потребата за обезбедување на ефективно имплементирање на повисоките етички стандарди и стандарди за интегритет, притоа земајќи ги предвид препораките на ГРЕКО во однос на пратениците. Работилницата имаше за цел размена на искуства и практики кои се успешно примененети во земјите членки на ЕУ, со цел тие да бидат основа за унапредување на транспарентноста на Собранието, но и јакнење на интегритетот како клучен принцип во унапредување на демократските стадарди.
TAIEX е инструмент за техничка помош и размена на информации на Европската комисија. TAIEX ги поддржува јавните администрации во однос на приближувањето, примената и спроведувањето на законодавството на ЕУ, како и олеснувањето на споделувањето на најдобрите практики на ЕУ. Во голема мера се заснова на потребите и обезбедува соодветна експертиза прилагодена за решавање на проблемите за кратко време.