Македонската кошаркарка Едина Муса влезе во 40. недела од бременоста и со нетрпение ги брои деновите до најважната улога во животот – да стане мајка. Додека го очекува раѓањето на синот Максим, таа сподели фотографии од семејната фотосесија што ја направи со сопругот, поранешниот кошаркар Александар Димитровски – Мачка.

Фотосесијата ја реализираше Драгана Николоска, фотографка специјализирана за мајчинство и семејни фотографии. „Драгана, ти благодарам за преубавата фотосесија на која ќе ѝ се навраќам цел живот. Ова не се само мои фотографии, ова се и моменти кои ќе останат врежани во мене до крајот на мојот живот“, напиша Муса во објавата.

На фотографиите, Муса зрачи со среќа, позирајќи со сопругот и со своите миленици. Посебно внимание привлекоа фотографиите каде што трудничкото стомаче е во фокус, симболизирајќи ја новата животна приказна што наскоро ќе започне.




Да потсетиме, двојката го изговори судбоносното „да“ кон крајот на минатата година, а неколку месеци претходно ја соопштија среќната вест дека ќе станат родители на момче, кое ќе го носи името Максим. Димитровски претходно беше во брак со пејачката Тамара Тодевска и со неа има две деца – ќерката Хана и синот Дарен.