Фото: Фејсбук/Славјанка Петровска Министерката за одбрана Славјанка Петровска заедно со амбасадорката на САД, Анџела Агелер денеска ги посетија американските војници кои со припадниците на македонскатаа Армијата изведуваат вежба на „Криволак“. И министерката и амбасадорката кажаа дека вежбата ја гради заемната доверба, пријателство и партнерство. Припадниците на македонската армија имаа можност да се уверат во способностите на возилата „страјкери“ кои армијата ќе ги набави кон крајот на идната година.
„Имавме можност да проследиме дел од вежбата која се одржува предводена од армијата на САД за Европа и Африка, каде што со 180 припадници на оваа армија ги вежбаат своите способности на армискиот полигон Криволак. За нас тоа е важно од два аспекти прво, повторно полигонот Криволак се користи од страна на нашите сојузници со што се покажува взаемната доверба којашто ја имаме меѓутоа и добра можност припадниците на македонската армија да ги видат способностите на возилата „страјкери“ кои наскоро ќе бидат дел од македонската армија, односно капацитетите на македонската армија и од првите возила кои ги очекуваме да пристигнат се од крајот на 2024-та година. Дотогаш нашите припадници ќе имаат можност во вакви околности да бидат дел од ваквите вежби, самите да се уверат во способностите на возилата кои ги набавуваме“, изјави Петровска.
Со вежбата, потенцираше таа, се покажува заедништвото и сојузништвото, кое како што истакна е значајно, во овие исклучително предизвикувачки времиња за безбедноата ширум светот.
„Јас сум убедена дека ова пријатслетсво и партнерство ќе продолжи во иднина да се развива. Би сакала да се заблагодарам и на бригадниот генерал Елис кој тука ги донесе припадниците на вториот коњанички полк, зашто колку повеќе работиме заедно, колку повеќе заедно вежбаме постигнуваме поголема интероперативност и истовремено на тој начин армиите стануваат поподготвени, заедно да делуваат и да способностите коишто се потребни за НАТО“, изјави Агелер.
Одговарајќи на новинарски прашања министерката Петровска рече дека тука биле 120 војници на обука која е завршена и траела еден месец.
„Воглавно таа беше димензионирана согласно нивните потреби и тоа што значи потреби на теренот. За жал, војната во Украина сè уште трае и се разбира како што објавивме пред неколку месеци и се разбира кога заврши обуката и кога ја соопштивме и во наредниот период, Криволак ќе биде достапен за потребите на украинската војска, доколку има потреба повторно да спроведеме од страна на нашите вооружени сили, се разбира да спроведеме таков вид на обука дополнително“, рече министерката.
Во однос на испораката на „страјкерите“, министерката кажа дека ќе почне од крајот на идната година, согласно динамиката која дополнително ќе се утврди и повтори дека ова е одлична можност за припадниците на македонската армија да ги видат, способностите на возилата на Криволак.
– И се разбира кога ќе почнат да пристигаат преку соодветни обуки и тренинзи да станат дел од капацитетите на нашата армија, заклучи министерката.Во вежбата „Храбар партнер 23“, како што претходно соопштија од Министерството за одбрана, македонската армија учествува како земја домаќин со 30-тина свои припадници, потребната воено-полициска придружба и обезбедување, како и логистичка поддршка на активностите.
„Со овој вид на вежбовни активности, покрај зацврстување на сојузништвото и интероперабилноста со ВС на САД, се демонстрираат способностите за заедничка одбрана и одвраќање, како и капацитетот и значењето на АП „Криволак“ за изведување на различен вид на обука и вежби. Воедно, ова претставува можност за практично запознавање со карактеристиките и можностите на овој тип на оклопни возила, кои согласно планот за развој на одбранбените способности за модернизација и опремување ќе бидат дел од нашата Армија во следниот период“, велат од Министерството за одбрана.