Денеска и утре се одржува дводневна работилница посветена на подобрување на транспарентноста и интегритетот на Собранието, организирана и финансирана од Инструментот за техничка помош и размена на информации на Европската Комисија во соработка со Собранието.
Воведно обраќање на работилницата имаше заменик-секретарот Никола Ѓошевски, кој истакна дека можноста за користење на услугите на TAIEX, особено во делот на обезбедување на техничка помош при транспонирање и спроведување на законодавството на ЕУ, е од исклучително значење за македонското Собрание.
„Донесувањето на нов етички кодекс, согласно препораките ГРЕКО, претставува зачувување и афирмација на достоинството и угледот на пратениците во Собранието. Неговата основна цел е исто така да ја зголеми довербата на граѓаните и јавноста во основните вредности и интегритетот на функцијата пратеник“, рече Ѓошевски.
Тој нагласи дека Собранието континуирано работи на унапредување на административните капацитети, на јакнење на капацитетите на собраниската стручна служба и во таа насока е и оваа соработка со Европската комисија, преку TAIEX.
Тој потенцираше дека врвен приоритет за Собранието е јакнење на довербата што граѓаните ја имаат во оваа институција, а тоа е можно само преку политики на интегритет и транспарентност. Ѓошевски додаде дека основната цел на оваа работилница е да се сподели концептот на етичкиот систем во Собранието и да се продискутира за начинот на кој ќе се подобри неговата операционализација.
На работилницата присуствуваа собраниски службеници и служба од Државната комисија за спречување на корупција. Собранието успешно ја користи TAIEX техничка помош за исполнување и подобрување на својот делокруг на работа и надлежности. Посебно внимание беше посветено на унапредување на транспарентноста и интегритетот на Собранието. За таа цел, Европската комисија ангажираше експерти од Франција и Хрватска.