Комисијата за европски прашања, во рамките на третата седница, одржа јавна расправа за Реформската агенда на Владата (2024 – 2027), која се однесува на Планот за раст на Европската комисија. Со седницата претседаваше потпретседателот на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски, кој истакна дека Европската Унија има развиено сеопфатен план за раст, насочен кон економско зајакнување и стабилност на земјите членки и оние што се стремат кон полноправно членство.
Овој План за раст на Европската комисија (2024 – 2027 година) опфаќа структурни реформи, дигитална трансформација и зелена агенда, кои се клучни елементи за долгорочна конкурентност и одржлив развој за земјите од Западен Балкан, вклучително и нашата земја.
За нашата држава, овој План отвора нови можности, особено во делот на инвестиции во инфраструктурата, развој на одржлива енергетика и подобрување на деловната клима. Унапредувањето на економските параметри ќе биде директно поврзано со нашата способност да се адаптираме на стандардите на ЕУ, како и со способноста да ги искористиме овие многу важни финансиски и технички програми кои сега ни се достапни.
Она што е суштинско за нашиот напредок е спроведувањето на реформите во образованието и развојот на човечки капитал, со што ќе ја зајакнеме нашата работна сила и ќе ја подготвиме за новите услови што ги носи дигиталната економија.
На седницата свои обраќања имаа и претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова; амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас и министерот за европски прашања, Орхан Муртезани. Исто така, учество зедоа и пратеници, претставници на министерства, како и преставници од невладиниот сектор. Дискусиите воглавно беа фокусирани на социо-економските реформи и фундаменталните области како владеење на правото, незвисноста на судството и борбата против корупцијата.