Лени Кравиц ѝ подари ѕвездена вечер на публиката и бројните туристи од цела Македонија, но и од регионот. Светски познатата рок-ѕвезда Лени Кравиц, во неделата одржа двочасовен спектакуларен концерт на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид. Концертот во Охрид е дел од европската турнеја на Лени Кравиц насловена „Blue Electric Light“, која е и промоција на истоимениот албум, кој официјално излезе на 24 мај.
Концертот почна со тактовите на рок-химната „Are You Gonna Go My Way?“, енергично и со сета страст, по што е познат Кравиц, фрлајќи ја во транс публиката. Со спектакуларното шоу, глобалната рок-икона Лени Кравиц ѝ даде на публиката нов увид во својот музички израз преку вистинска рокерска космологија – страсна колекција на стари и нови песни.
„Билјанини извори“ беа совршена позадина за незаборавна вечер исполнета со духовни мелодии и наелектризирани изведби. Слушајќи ги класиците како „Fly Away“ и „Are You Gonna Go My Way“ под ѕвезденото небо, публиката сведочеше на несекојдневно доживување на живата легенда на магичниот концерт. Кравиц уште еднаш докажа зошто е уникатен во секој сегмент од неговиот живот.
Сцената беше импресивно уредена со динамични светлосни ефекти и ЛЕД-панели што го илустрираа целото шоу.
Кравиц ѝ се заблагодари на публиката и ѝ порача: „Сакајте се, бидете благодарни, еден е животот“.
Завршната песна беше поздравена со силни овации и восхит од обожавателите.
Турнејата беше распродадена во речиси триесетина градови низ светот, а добитникот на овогодишната награда Греми глобал импакт (Grammy Global Impact Award) на списокот додаде и нови датуми на кои на публиката ќе ѝ ја пренесе интимноста и емотивноста на новиот албум и своето целокупно музичко творештво.
Познат е по хитовите какви што се „Let Love Rule“, „Mr. Cab Driver“, „Be“, „Mama Said“, „It Ain’t Over ’til It’s Over“, „Believe“, „Stand By My Woman“, „American Woman“, „If You Can’t Say No“, „Fly Away“, „I Belong To You“…
Ова беше вкупно трето гостување на Кравиц во Македонија, откако во 2019 година имаше концерт и во Скопје. Кравиц својот прв концерт го одржа во Охрид на стадионот „Билјанини извори“ во 2008 година.
Лени Кравиц е еден од најистакнатите рок музичари на нашето време. Овој автор, продуцент и мултиинструменталист освои четири последователни награди Греми, а воедно го постави и рекордот за најмногу победи во категоријата „Најдобра машка рок вокална изведба“.
Настапот на Лени Кравиц е дел од фестивалот „Охрид колинг“ што петта година по ред го организира „Авалон продукција“.