Славе Крстев се занимава со многу работи, до минатата година вршел и откуп, има земјоделска аптека, продавници, производство, но работи и земјоделство, и тоа откако памети за себе, уште од дете. Сега има 25 хектари земја, претежно овошни насади и активно ги работи од 2009 година.
Тој одгледува кајсии, праски и јапонски јаболка. Има и магацин, го селектира овошјето и оди на продажба. Со откупот нема проблем, има и за домашен пазар и за извоз. Неговите сорти се рани сорти, овошките зреат многу рано, па неговите производи се едни од првите што може да се најдат на пазарот. Тој е 10 до 15 дена порано подготвен за продажба од Кавадарци и од Росоман, па затоа е задоволен од цените што му ги нудат, како што вели „сега за сега е добро“.
Кајсијата е една од првите што започнуваат да му ги купуваат, по цена од 150 денари по килограм, но како поминува сезоната цената се намалува и може да стигне до 30 – 40 или 50 денари за килограм. Проблем се само мразевите, кајсиите се најподложни на мразеви кои ги фаќаат овошките додека цветаат, па иако цената е добра, има многу мали количини.
Праските се нектарини (гола праска), може да почнуваат со 80 до 100 денари, па на крај стигаат и до 30 денари за килограм, зависи, не е една цена од почеток до крај, но добро е тоа што има рани сорти.
Она што е посебно за овој земјоделец е што одгледува и јапонски јаболка, а на нашето прашање зошто се одлучил да го одгледува ова овошје, тој рече дека затоа што јапонските јаболка зреат подоцна, па сакал да има и нешто подоцна во годината што ќе продава.
„Мене ми завршуваат другите овошки некаде мај – јуни и сакав да имам нешто и подоцна. Еве сега јас по некоја случајност се занимавам со многу работи, ама ако си само земјоделец, треба да имаш по нешто цело време од годината, инаку тешко е да се живее само од земјоделство“, вели Крстев. Еве што ни одговори четириесет и четиригодишниот Славе Крстев од Пирава, валандовско, на нашите прашања за јапонските јаболка.
Агротим: Колкави површини со јапонски јаболка имате, која сорта се и колку време ги имате?
– Пред пет години можев да видам дека обичната јапонска јаболка, сортата фуџи не е добра. Ѝ се појавуваат некои кругови при зреење и не изгледа добро, не може да оди за извоз. Таа не е исплатлива, дури и ја оставаат на нивите затоа што нема цена, не ја сакаат на пазарот, па веднаш ги прекалемив моите јапонски јаболка, со друга сорта, „ројо брилијант“.
Имам 3 хектари јапонски јаболка и повеќето ми се од оваа сорта, а имам и од таа што ја викаат „чоколадна“, веднаш што се јаде и таа некогаш е добра, некогаш не е со добра цена, раскажа Крстев и додаде дека со оваа сорта е подобро од обичната „фуџи“, бидејќи има подобра цена, оди 30 денари по килограм, додека обичните сорти минатата година биле и по 15 денари за килограм, а претходно дури и по 8 денари.
-Жално е што немаме преработка за јапонските јаболка и да има сушена јапонска јаболка, сум пробал во Турција, многу е поубава и од смоквата и од сè, но ние немаме таква можност, нема сушени јапонски јаболка, раскажува Славе.
Агротим: Каков е родот, дали сте задоволни од вашите нови сорти?
-Оваа година е добар родот. 70 до 80 проценти од земјоделците ја имаат проблематичната сорта, „фуџи“, додека мојата сорта помина подобро, одеше 30 денари по килограм. Ја имам и таа „џиро“, што ја викаат „чоколадна“, веднаш што се јаде и таа помина добро.
Е сега падна град, се појавија некои кругови на јапонските јаболка, и тоа не може да се продаде, но не можеш да ги предвидиш временските услови. Од друга страна пак не е како бостанот, нема тонажа, има сорти тешко се берат, мора да гледаш секоја каква е дали е добра, дали не е добра, раскажува Крстев.
Агротим: Дали годинава имате откуп и колку е редовен?
За оваа мојата сорта „Ројо брилијант“ веќе имам обезбедено пласман, веќе ми е товарен камионот, околу 40 тони и оди на продажба. Деновиве сме зафатени со тоа. Е сега таа „џиро“, малку ќе постои, потешка е и за берење, ама и ќе си постои оти нема цена.
Агротим: Колкави се трошоците, а колкава заработката?
-Само вода им треба, можам да кажам дека откако ќе се посади, откако ќе ги купиш садниците, претежно од Грција ги земаме, само треба да се наводнува, тука се најголемите трошоци и за ѓубрива. Што се однесува до заштитата, не ѝ треба многу тоа, можеби понекогаш ако се појават штетници, но можам да кажам дека за овие 4-5 години колку што ги имам, дали два или три пати ги имам прскано.
Некои производители имаат и органски сертификати, но сето тоа е еднократно, најважно е да се наводнува, тоа е константниот трошок. Значи цело лето мора да се наводнува. Лесна е за одржување, секоја година дава род, и трае долги години, така што исплатлива е од таа страна, вели Славе.
Агротим: Дали користите субвенции за јапонските јаболка? Или пак некои други мерки?
За јапонските јаболка има субвенции, но нема други мерки, барем не досега. И баш ми е чудно што нема. Кога ќе се помине по нашиот регион, зимско време, јапонските јаболка се уште стојат по дрвата, ако нема откуп, нема ништо, никогаш не се интервенирало со помош од државата. Еве за тие во Ресен, ако нема откуп, има дополнителни мерки, но за јапонските јаболка нема.
Дури минатата година се крена цената од 10 на 15 денари. Претходно се откупуваше дури и по 8 денари по килограм. Може да се направи и некој преработувачки капацитет, да не се фрла тоа туку да се преработи и да се продава. Но, и тоа нема. Претходно беше уште потешко, а и сега не е лесно, но за јапонските јаболка нема никаква интервенција, што баш ми е жал.
Агротим: Што планирате понатаму? Дали ќе ги зголемите површините?
Мене ова ми се нови сорти и планирам да продолжам да ги одгледувам, но за повеќе не сум мотивиран. Можеби понатаму, но сега за сега не. Реално, мислам дека ова ќе се искорени. Во нашиот крај веќе ги вадат од корен. Нема постојан приход и не е како што треба.
Жално е што оваа гранка полека полека умира, убаво овошје, органско, без пестициди, не се прска сакам да кажам, да биде оставено по нивите или да се искорени, порача Славе.Договорното производство за кое постои иницијатива да се организира и за јапонско јаболко може да биде решение на долгогодишните проблеми и нов импулс за развој на овој агробизнис.
Анета Тасова