Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска го прими во проштална посета Андреа Силвестри, амбасадорот на Италијанската Република во РС Македонија. Во контекст на билатералната соработка меѓу двете земји, претседателот Гаши истакна дека високо ја вреднува соработката со пријателска Италија, земја силен поддржувач на РС Македонија на евроинтеграцискиот пат. Констатираше дека Собранието и понатаму останува посветено на добрата и контиунуирана соработка со Италијанската амбасада, со истата динамика како и досега. Го истакна задоволството што пролетва одбележавме 30 години од воспоставувањето на нашите дипломатски односи, кои се карактеризираат како традиционално добри и пријателски односи, со активен политички дијалог и динамична секторска соработка.
Амбасадорот Силвестри изрази особено задоволство од реализацијата на неговиот мандат во земјава, кое го вреднува како драгоцено професионално искуство од земја со мултиетнички карактер и богат плурализам во политичкиот живот. Двајцата соговорници разговараа за актуелните состојби, законодавната агенда и следните чекори во процесот на евроинтеграцијата на земјата и ја констатираа заложбата да се негува и развива демократскиот капацитет на државата. На крајот на средбата, претседателот Гаши му посака успех во идните професионални ангажмани на амбасадорот во заминување, при што беа взаемно разменети пригодни подароци како симбол на досегашната успешна и конструктивна соработка.