„Денеска сме во општина Росоман каде што се чисти левиот магистрален канал, според информациите кои што ми ги даде директорот досега се исчистени повеќе од три километри. Со ваквата динамика на работа до почетокот на идната сезона целиот канал во должина од 40 километри ќе биде исчистен“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Министерот Трипуновски додаде дека на ниво на подружница заклучно со денес се исчистени повеќе од 13 километри каналска мрежа. „Денеска сме овде заедно со директорот на подружницата за да покажеме како навистина се работи. Се со цел да ја дочекаме идната сезона со навремена и доволна количина на вода за да не трпи земјоделството“, појасни министерот.
Тој посочи дека Владата и Министерството за наредната година согласно Буџетот ќе даде еден сериозен приоритет во делот на водостопанството на ниво на држава. „Без вода не можеме да размислуваме на земјоделско производство. Поради тоа нашиот фокус ќе биде на работењето и обновување на системите за наводнување на ниво на држава“, нагласи министерот Трипуновски.