Текстот подолу го пренесуваме во целост:

   

Глобалната слобода на интернетот се намалува 12-та година по ред, со оглед на тоа што сè повеќе влади создадоа дигитални бариери со цел да ги цензурираат неистомислениците и да ги мониторираат корисниците, се вели во извештајот објавен од Фридом Хаус, поврзан со слободата во интернет просторот и човековите права. Студијата открива дека повеќе од три четвртини од корисниците на интернет во светот живеат во држави каде што властите ги казнуваат луѓето кои го користат своето право на слободно изразување на интернет.

Најголемиот пад на слободата на интернетот го има Русија, откако Кремљ ги интензивираше своите напори да ја задуши опозицијата и да ги замолчи независните медиуми во пресрет на незаконската и неиспровоцирана инвазија врз Украина, се вели во извештајот.

 

Новиот извештај насловен: „Спротивставување на авторитарната ревизија на интернетот“, открива дека интернетот е пофрагментиран од кога и да е, со рекорден број влади кои наметнуваат ограничувања, без разлика дали станува збор за блокирање странски веб-страници, собирање лични податоци или зголемување на контролата врз корисниците.

Авторитарните режими градат дигитални ѕидови кои ја попречуваат слободната размена на информации и го олеснуваат замолчувањето на неистомислениците, промовираат опасни дезинформации и пристап до лични податоци. Колку повеќе аспекти од нашите животи се одвиваат на интернет, толку зајакнувањето на слободата онлајн добива поголемо значење. Дигиталната репресија предизвикува широк демократски пад ширум светот, а спротивставувањето на ова е од витално значење за глобалната борба против авторитарното владеење, рече Мајкл Џеј Абрамовиц, претседател на Фридом Хаус. 

   

     

Во извештајот се потенцира дека за неколку недели по руската инвазија врз Украина, Кремљ ги блокирал Фејсбук, Инстаграм и Твитер, притоа „лишувајќи ги граѓаните до пристап до веродостојни информации за војната и ограничувајќи ја нивната способност да се поврзат со корисници од други земји“. Владата, објавува Фридом Хаус, блокирала повеќе од 5.000 веб-страници, ги принудила медиумите да ја нарекуваат инвазијата како „специјална воена операција“ и вовела закон со кој се пропишуваат до 15 години затвор за оние кои шират „лажни информации“ за конфликтот.

Од друга страна, како што тврди Фридом Хаус, украинската влада и граѓаните покажале „неверојатна издржливост за време на инвазијата“.

Владините претставници и телекомуникациските компании работеа заедно за да ја поправат интернет инфраструктурата и да обезбедат пристап до онлајн ресурси и до информации, нешто што може да спаси живот во екот на вооружен конфликт, пишува во извештајот.

Човековите права онлајн, според извештајот, се влошиле во 28 држави, а 26 држави имаат повисоки рангирања. Најголемиот пад го има Русија (за седум места), а потоа следат Мјанмар, Судан и Либија, додека во Гамбија и во Зимбабве има подобрувања. Соединетите Американски Држави се рангирани на деветтото место во генералниот пласман, а Исланд повторно е на врвот според слободата на интернетот. Осма година по ред, Кина има најлоши услови во однос на слободата на интернетот.

Извештајот се однесува на периодот од јуни 2021 година до мај 2022 година. На студијата работеле повеќе од 80 аналитичари, а опфатени биле 70 држави. Северна Македонија и соседните држави не се опфатени во овој извештај.

Како што покажуваат податоците од горната фотографија на Фридом Хаус, повеќе од 4,5 милијарди луѓе имаат пристап до интернет (од државите кои биле предмет на анализа).

Од нив, 76 отсто живеат во држави каде што луѓе биле уапсени или затворени поради објавување содржини поврзани со политички, социјални или религиозни прашања. Повеќе од половината живеат во држави каде што социјалните медиуми биле привремено или перманентно забранети. Над 40 проценти се од држави каде властите ги исклучиле мобилните или интернет мрежите, најчесто поради политички причини. Повеќе од 60 проценти живеат во држави каде одредени лица биле нападнати или убиени поради нивните онлајн активности во периодот од јуни 2021 до мај 2022 година.

Фридом Хаус во својот извештај објавува прецизни и детални препораки за тоа како да се надминат овие состојби, кои меѓудругото вклучуваат: строга регулација на употребата на алатките за надзор и собирање лични податоци од страна на властите; заштита на енкрипцијата; зајакнување на заштитата на приватноста на податоците преку посилни регулативи и носење сеопфатна легислатива; ограничување на технологијата за цензура и развој итн.