Во тек се последните рокови за запишување на студии на факултети во Словенија, каде се уште има слободни места. Деканот на Факултетот за општествени апликативни студии, професор д-р Борут Рончевиќ на информативниот ден што се одржа вчера во Скопје, објасни дека има неколку факултети, каде има слободни места.„Согласно постојниот договор меѓу двете држави додипломските студии и постдипломските студии, односно магистерските студии се бесплатни за сите студенти од Македонија.
Докторските студии се дел од понудата, но за нив треба да се плати школарина. Исто така на ФУДШ и на ФИШ постои платформа и за онлајн следење настава на која може да се приклучите во зависност од вашите потреби“, објасни Рончевиќ. За можностите за упис на Факултетот за информатички студии, говореше и асистентот на ФИШ Игор Трајановски дообјаснувајќи дека постапката за третиот уписен рок оди преку државната платформа. Тој ги упати потенцијалните студенти, за повеќе детали, да ги посетат и интернет страниците https://www.fuds.si/en/ и https://www.fis.unm.si/.
„Наставата се одвива на словенечки јазик, но првата година постои разбирање и може да комуницирате и на англиски, српски или хрватски јазик. Нашите факултети годинава организираат и бесплатен курс за словенечки јазик, што е доволно да ги совладате основите за полесно да се вклучите во наставата. За уписи за наредната учебна година (2025/26), пријавните рокови ќе бидат објавени на почетокот на следната календарска година“, објасни Трајановски.
На двата факултета во тек се и уписи за постдипломски студии. Од неодамна како координатор за меѓународни студии на ФУДШ се приклучи и Миа Кениг, Македонка која ја користи програмата за вработување за студентите во Словенија. Кениг е студент и вработена на ФУДШ, која директно го користи своето искуство да им помогне на новите студенти околу постапките за аплицирање и упис. Студиските програми на ФУДШ и ФИШ се атрактивни и поради големиот број меѓународни проекти на кои работат факултетите и со тоа креираат дополнителни можности за развој на младите.