Потпретседателката на САД и претседателски кандидат Камала Харис го одржа последниот говор пред претседателските избори во паркот Елипс, недалеку од Белата куќа, посочувајќи дека САД се пред избори кои ќе покажат дали ќе имаат земја во која слободата е вкоренета за секој Американец или земја во која ќе владее поделба и хаос. Ројтерс објави дека на собирот се собрале повеќе од 75.000 луѓе.
Инаку, собирот се одржа во близина на Белата куќа каде на 6 јануари 2021 година Трамп им се обрати на своите поддржувачи пред да го нападнат американскиот Капитол. Кандидатката Харис беше опкружена со американски знамиња на сцената и сино-бели транспаренти на кои пишуваше „слобода“, а во позадина беше осветлена Белата куќа.
Во дел од говорот таа го нападна претседателскиот кандидат Доналд Трамп, истакнувајќи дека тој стоеше на истото место пред четири години и испрати вооружена толпа да ја урне волјата на народот на слободни и фер избори. „Американци загинаа како резултат на тој напад“, рече таа, додавајќи дека Трамп е нестабилна и огорчена личност. „Тој е нестабилна личност опседната со одмазда, обземен од тага и желен за неконтролирана моќ.
Доналд Трамп помина една деценија обидувајќи се да го задржи американскиот народ поделен и во страв еден од друг“, нагласи Харис. Таа им порача на гласачите дека ќе биде претседател на сите Американци доколку ја изберат. Таа посочи дека главен приоритет на американските власти пред четири години бил да се стави крај на пандемијата и да се спаси економијата, а сега најголем предизвик им е да ги намалат трошоците – трошоците кои растеа и пред пандемијата, а кои сè уште се превисоки.