Хезболах потврди дека лансирал ракети врз штабот на израелското воено разузнавање во Тел Авив. Во меѓувреме, израелската армија објави дека копнената офанзива во јужен Либан е насочена против базите на оваа група долж границата кои му се закануваат на Израел, пренесува Ал Џезира.
Либанската група соопшти дека лансирала неколку ракети „Фади-4“ во базата Глилот во Тел Авив, седиштето на израелската воена разузнавачка служба – Единица 8200.
Во соопштението се наведува дека групата извршила напад и врз седиштето на Мосад лоцирано во предградието на Тел Авив. Израелската војска претходно објави дека нападот се случил, додавајќи дека пресретнала дел од истреланите ракети. Портпаролот на израелската војска рече дека израелските „локализирани копнени напади“ ќе бидат насочени кон упоришта на Хезболах кои „се закануваат на израелските градови, кибуци и заедници долж границата“. „Хезболах ги претвори либанските села до израелските села во воени бази подготвени да го нападнат Израел” , додаде тој.