Во Унгарија денеска, поради обилните дождови што ги донесе циклонот Борис во Западна и Источна Европа, стапи на сила предупредувањето за поплави од трет, највисок степен долж сите сектори на Дунав во Будимпешта, а унгарскиот премиер Виктор Орбан свика состанок на оперативното тело одговорно за заштита од поплави. Утврдени се итни задачи и одобрени се плановите за заштита од поплави во наредните денови, изјави портпаролот на Орбан, Берталан Хаваши, а пренесува агенцијата МТИ.
Орбан потврди дека се искористени сите технички и финансиски средства потребни за заштита од поплави. Експертите за управување со водните ресурси во текот на викендот спроведоа низа заштитни мерки, објави на Фејсбук градоначалникот на унгарската престолнина Гергељ Карачоњ.Тој вчера рече дека една од најважните мерки е затворањето на долните кејови Пешта и Буда од вечерва во 20 часот и посочи дека мора што поскоро да се отстранат сите возила што се паркирани.
Според прогнозите, Дунав ќе стигне до долниот насип утре наутро, рече тој. Последните прогнози укажуваат дека водостојот на Дунав во втората половина од оваа недела ќе достигне максимални над осум метри. Во меѓувреме, водоводот во Будимпешта, органот за управување со катастрофи и подизведувачите кои помагаат во одбранбената работа ќе стават на располагање еден милион вреќи со песок, од кои приближно 800.000 ќе се користат на островот Маргарет.