Во текот на вчерашниот ден, како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), од 37 пожари на отворен простор регистрирани вчера, изгаснати се 21, 10 се уште активни и шест се под контрола. Како што информира ЦУК, активен е пожарот во општина Македонски Брод, каде што гори борова шума. Во општина Пехчево, на територија на село Негрево, гори мешана шума. Во општина Новаци гори ниска вегетација. Нискостеблеста вегетација е опожарена во општина Ресен, на Галичица, се шири во правец на врвот Магаро кон Стење, од охридска страна. Борова и букова шума горат во општина Кичево, меѓу селата Патеец и Козичино. Вториот пожар во општина Кичево е меѓу селата Челопеци и Бигор Доленци, а третиот кај Зајас и Горно Строгомиште – и во двата гори мешана шума.
Последниот во оваа општина, сѐ уште активен, е кај село Туин, каде што гори дабова шума. Во општина Пласница гори нискостеблеста вегетација. Дабова шума е опожарена во општина Кочани, на територија на село Пресека. Од пожарите под контрола, се додава во соопштението, едниот е кај ТЕЦ „Неготино“, каде што е опожарена сува трева. Вториот е на територија на општините Демир Хисар и Охрид, каде што е опожарена ниска вегетација. Третиот е во општина Чашка, опожарена е мешана шума. Две депонии биле запалени, на територија на општините Делчево и Липково. Последниот пожар е под контрола на градската депонија во општина Кочани, горело ѓубре, сува трева и нискостеблести растенија.