Може да бидете малку болни, но не и малку корумпирани, поентираше Ерик Мејер, заменик-шеф на мисија на Амбасадата на САД, која го поддржа проектот „Поттикнување овозможувачка средина за пријавување корупција во јавните претпријатија“Директори и овластени лица на 36 јавни претпријатија од сите региони во државава ја потпишаа Декларацијата за антикорупциски практики и политики во јавните претпријатија, со што беше заокружен едногодишниот проект „Поттикнување овозможувачка средина за пријавување корупција во јавните претпријатија“, кој го спроведе Институтот за стратешки истражувања и едукација (ИСИЕ), со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје.
Со Декларацијата, директорите ја искажаа нивната посветеност за негување на културата на интегритет, транспарентност и отчетност на јавните претпријатија.
– Препознавајќи го штетното влијание на корупцијата врз нашата економија, општество и угледот на нашата држава и локалната заедница, како и потребата од заштитата на јавниот интерес преку дејностите што ги остваруваме, ние се обврзуваме дека ќе ги почитуваме највисоките стандарди на етичко однесување и ќе се бориме против корупцијата во сите нејзини форми – стои во Декларацијата.
Според проектниот менаџер професор Миша Докмановиќ, основниот заклучок од студијата е дека јавните претпријатија се движат со различна брзина кога е во прашање борбата со корупцијата, некои делумно ги исполнуваат, а други не законските обврски.
– Македонија има многу закони за борба против корупцијата, но нема политичка волја за нивна целосна имплементација, но сепак овој проект е првиот чекор кој ја изразува подготвеноста на раководните лица да се справат со ова зло – додаде Докмановиќ.
Според Ерик Мејер, заменик-шеф на мисија на Амбасадата на САД, не е добра перцепцијата на корупцијата како болест.
– Може да бидете малку болни, но не и малку корумпирани, корупцијата е зло што ги поткупува столбовите на општеството. Оттука од македонските граѓани зависи дали ќе престанат да ја толерираат институционалната корупција на сите нивоа – поентираше Мејер.
Само три ЈП примиле пријави за корупција од укажувачи?!
Бројот на примени пријави, како и бројот на претпријатија што примиле пријави, покажува дека концептот на укажувачи е на ниско ниво на имплементација. Самиот факт дека само три јавни претпријатија примиле пријави во тригодишниот период на анализа е нелогичен ако се има предвид дека во согласност со голем број анализи и извештаи, степенот на корупција во Република Македонија е на релативно високо ниво.
Оттука се наметнува прашањето зошто бројот на пријави е низок? Имено, едно објаснување е дека отсуствува довербата во институциите (во овој случај јавните претпријатија) дека ќе биде соодветно постапено по пријавата, друго објаснување е дека потенцијалните укажувачи не се запознаени со овој механизам, додека трето објаснување би било дека потенцијалните укажувачи се плашат да пријават, поради евентуални идни последици.