Одлуката за основање на Европската политичка заедница беше донесена на заседанието на Европскиот совет во јуни 2022 година. Целта на Заедницата е политичка координација и таа не претставува замена на ниедна постоечка организација, структура или процес.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе учествува на четвртата средба на шефовите на држави или влади на членките на Европската политичка заедница (ЕПС) во Оксфорд. Малкумина знаат што е тоа Европска политичка заедница и зошто е значајна. ЕПС беше иницирана од францускиот претседател, Емануел Макрон, за време на претседавањето на Франција со ЕУ како платформа за поттикнување политички дијалог и соработка за решавање на прашања од заеднички интерес и за зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент. Таа е дизајнирана да го олесни зајакнувањето на врските меѓу лидерите на ЕУ и оние кои не се членки на ЕУ во неформален амбиент, со претходни конференции одржани во Шпанија, Молдавија и Чешка.
Одлуката за основање на Европската политичка заедница беше донесена на заседанието на Европскиот совет во јуни 2022 година. Целта на Заедницата е политичка координација и таа не претставува замена на ниедна постоечка организација, структура или процес. Претходните 3 самити на Европската политичка заедница се одржаа во Прага на 6 октомври 2022 година, во Кишињев на 1 јуни 2023 и во шпанскиот град Гранада на 5 октомври 2023 година.
На првиот Самит во Прага, лидерите главно разговараа за прашања поврзани со мирот и безбедноста, особено за руската агресија врз Украина и за енергетската криза што таа ја предизвика.
На следниот собир во Кишињев главни теми на дискусија беа заедничките напори за мир и безбедност, зајакнувањето на енергетската отпорност и поврзувањето и мобилноста во Европа. Во Гранада во лани во октомври, лидерите дебатираа за тоа како Европа да се направи поотпорна, попросперитетна и геостратешки позначајна. Следниот Самит на Европската политичка заедница предвидено е да се одржи на 7 ноември годинава во Будимпешта. Во Европската политичка заедница учествуваат и земји кои не се членки на ЕУ, како што е и Македонија.
Земји членки на Европската унија кои учествуваат во Европската политичка заедница се: Австрија, Белгија, Бугарија, Германија, Грција, Данска, Естонија, Ирска, Италија, Кипар, Латвија, Литванија, Луксембург, Малта, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Унгарија, Финска, Франција, Холандија, Хрватска, Чешка, Шпанија и Шведска. Земји кои не се членки на Европската унија, а учествуваат се: Азербејџан, Албанија, Андора, Босна и Херцеговина, Грузијa, Ерменија, Исланд, Косово, Лихтенштајн, Македонија, Молдавија, Монако, Норвешка, Обединето Кралство, Сан Марино, Србија, Турција, Украина, Црна Гора и Швајцарија.
Четвртиот состанок на ЕПЗ е тест, анализираат британските медиуми. Првиот самит во Прага во октомври 2022 година, на кој присуствуваа 44 шефови на држави или влади, вклучително и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, беше нов феномен. Но, вторите два самита, во Кишињев, Молдавија, во јуни 2023 година, и во Гранада, Шпанија, во октомври, не беа успешни.
Споровите околу агендата, вклучително и релевантноста на прашањето на миграцијата, доведоа до тоа во Шпанија да се откаже завршната прес-конференција. „49 лидери, 700 новинари, десетици билатерални состаноци … и без одлуки“, коментираше тогаш Политико. Во Гранада не се појавија ниту Ердоган ниту лидерот на Азербејџан, Илхам Алиев. Ердоган, се чини, генерално е незадоволен од ЕПЗ, што ја одразува неговата неподготвеност да се откаже од привилегијата да биде стратешката линија меѓу Истокот и Западот.
„Она што во моментов е нерешено прашање е и степенот до кој ЕПС е кохерентно идеолошко тело што ја поддржува демократијата против рускиот авторитаризам. Оваа празнина е уште поостра поради фактот што Виктор Орбан, унгарскиот премиер, треба да биде домаќин на следниот самит на ЕПЗ во ноември и тој би сакал да го покани Трамп на самитот”, коментира Гардијан.