Термоелектроцентралата (ТЕЦ) Неготино е една од најстарите електроенергетски централи во Македонија и долго време претставува предизвик за енергетскиот сектор на земјата. Оваа централа, која користи мазут, традиционално служи како „ладна резерва“ и се активира само при енергетска криза. Поради својата структура и технологија, ТЕЦ Неготино произведува електрична енергија со значително повисоки трошоци, што ја прави нерентабилна во споредба со пазарните цени.
Да се реновира или да се гради нова централа?
Експертите се согласни за тоа дека ако ТЕЦ Неготино се пренамени да работи на природен гас, тоа значително ќе влијае врз еколошките стандарди и врз економската исплатливост на централата. Но, дилемата е дали вреди државата да инвестира во модернизација на централата, или треба да вложи во изградба на сосема нова постројка, која ќе работи на гас.
Според професорот Ристо Цицонков од Машинскиот факултет во Скопје, Македонија воопшто не треба да вложува пари во модернизација на ТЕЦ Неготино, туку таа централа треба да се чува како „ладна резерва“, додека не се изгради нова.
– Јас мислам дека не треба да се вложуваат пари во модернизација на ТЕЦ Неготино на мазут. Подобро е да се вложи во нова гасна термоцентрала, со комбинирано производство на електрична енергија и топлина, на пример во Скопје. Но сепак, постојната ТЕЦ да се чува како „ладна резерва“ додека не се изгради нова. На Македонија ѝ треба базна електрична енергија (кога нема сонце и ветер), а ТЕЦ Неготино може да послужи за тоа – смета Цицонков.
Со пренамената на ТЕЦ Неготино на природен гас ќе се добијат подобри еколошки стандарди, а економската исплатливост би била поголема.
– Секако дека природниот гас од еколошки аспект е подобар од мазутот, би имало помало локално загадување. Но, јавноста треба да знае дека природниот гас не е еколошко гориво, бидејќи со неговото согорување се ослободува СО2, а тој придонесува во глобалното затоплување. Треба да се донесе гасовод и да се вгради соодветна опрема за гас. Треба да се замени горилникот на мазут со горилник на гас на двата котли. Но, вака реконструираната ТЕЦ ќе има помал коефициент на корисно дејство од гасните термоцентрали што се произведуваат денес. Со денешната цена на природниот гас од околу 39 EUR/MWh, цената на произведената електрична енергија ќе биде пониска во споредба со мазутот. Но, цената на гасот се менува, така што при висока цена на гасот, не е извесно дека ќе има ниска цена на произведената електрична енергија – објаснува Цицонков.
Професорот Константин Димитров од Машинскиот факултет смета дека во моментов употребата на ТЕЦ Неготино за производство на електрична енергија би била скапа, но и загадувањето од мазутот би било енормно.
– Цената на произведената електрична енергија од термоенергетските постројки во Македонија зависи од цената на енергенсите. ТЕЦ Неготино може да работи со мазут, кој е најевтин, но загадува. Значи, цената зависи од цената на мазутот, заедно со транспортот во дадениот момент. Со денешната цена на природниот гас, цената на енергијата би била над 100 евра за мегаватчас, што е скоро еднаква со цената на берзата. Но сѐуште нема изградена врска за транспорт на гас до ТЕЦ Неготино. Најкусата врска е од Неготино, околу 8 километри растојание. Емисијата на штетни материи е за 30% поголема во однос на современите термоцентрали, како што е на пример ТЕ-ТО Скопје. Но, би била поповолна ако се спореди со емисијата од термоцентралите во РЕК Битола, кои користат јаглен како примарен енергент – аргументира Димитров.
Министерката Божиновска вети нов енергетски капацитет
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, за Плусинфо вели дека во следните пет до шест години Македонија ќе има уште еден електроенегетски капацитет. Со тоа, како што додава, ќе се потврди заложбата на Владата за зелена транзиција.
– Во моментов сме во фаза на разгледување на можноста со ревитализација и модернизација на ТЕЦ Неготино, за да добиеме капацитет што ќе користи гас во производството на струја, со што животниот век на овој енергетски капацитет би се продолжил за најмалку три децении – вели Божиновска.
Верувам дека во наредниве пет до шест години ќе имаме уште еден електроенергетски капацитет, кој ќе биде еколошки, бидејќи наместо мазут, како што е сега, ќе се користи природен гас за производство на електрична енергија.
Сања БожиновскаМинистерка за енергетика, рударство и минерални суровини
Таа додава дека за извори на финансирање е рано да се зборува, со оглед на многу кусото време од формирањето на Владата и новото Министерство.
– Сепак, со посветеност кон овој проект, верувам дека во наредниве пет до шест години ќе имаме уште еден електроенергетски капацитет, кој ќе биде еколошки, бидејќи наместо мазут, како што е сега, ќе се користи природен гас за производство на електрична енергија – ни изјави министерката.
Од Општина Неготино велат дека откако постои Централата работела премалку и немала значителна можност да влијае врз животната средина. Поради тоа, немало причина ни локалната заедница да реагира во однос на можно загадување на животната средина.
– Централата е во сопственост на ЕСМ и модернизацијата е во нивна надлежност. Локалната заедница е информирана дека во ТЕЦ Неготино постои инсталација на гас за работа на парогенераторите, покрај инсталацијата на мазут. Со изградбата на гасоводот Миладиновци-Неготино-Битола и неговото ставање во функција, објектот ќе може да работи економично и со мала емисија на стакленички гасови (гасот согорува во висок процент околу 97%), со што ќе се заштити животната средина, а локалната заедница ќе нема причина за реакција – велат од Општината.
Водородот е посакувано, но далечно решение
Божиновска не ја исклучува можноста во ТЕЦ Неготино во иднина како гориво да се користи и водородот, но додава дека оваа технологија сѐ уште е во зародиш.
– Употребата на водородот засега и во светот е само идеја и неговата примена ќе зависи од тоа како ќе се развива технологијата за негово добивање, складирање и транспорт. Во зелената транзиција идејата е првично да се изградат електрани на гас, што ја отвора можноста подоцна да се користи водород во овие централи. Токму затоа наш план е со изградба на когенеративни електрани на гас да го напуштиме јагленот – објасни министерката.
Според професорот Цицонков, водородот како гориво во моментов не е опција, бидејќи горивото има многу висока цена.
– Водородот моментално има многу висока цена. Тој не се употребува ниту за нови конвенционални термоцентрали. Процесите за производство на водород сѐ уште се во почетна, би рекол експериментална, фаза. Цената на водородот нема да падне во блиска иднина – смета професорот Цицонков.
И професорот Димитров смета дека во моментов воопшто не треба да се размислува ТЕЦ Неготино да користи водород како гориво. Оваа технологија е сѐ уште во развој, а во Македонија воопшто нема најава за изградба на соодветна инфраструктура или самите да произведуваме водород како гориво.
– Примена на водород во ТЕЦ Неготино не е сериозна тема за размислување во дадениов момент. Не е реално. Немаме производство на водород. Немаме врски (цевководи) за транспорт на водород. За да биде економски оправдана неговата примена во ТЕЦ Неготино, треба да се купат и да се постават дополнително две гасни турбини, пред постоечката парнотурбинска постројка. Енергија содржана во 1 m3 водород е за 3 пати помала во однос на енергијата содржана во 1 m3 природен гас – заклучи Димитров.
ТЕЦ Неготино е затворена во 2008 година
ТЕЦ Неготино почнала да работи во 1978 година и имала производствена моќност од 195 MW. Во неа во моментов се вработени повеќе од 200 работници, кои речиси ништо не работат, бидејќи центалата не е во функција.
ТЕЦ Неготино е најмалку користена термоцентрала во Македонија. Според официјално достапни податоци, од 1995 година до 2008 година Централата произвела вкупно 1.385 GWh струја. Тоа е количина што само еден блок на РЕК Битола во добри денови ја произведувал за само една година.
Во 2022 година беше активирана поради енергетската криза, работеше околу 40 дена.
Претходната влада најави трансформација на ТЕЦ Неготино од мазут на природен гас, која требаше да биде реализирана по енергетската криза во 2022 година, но не го направи тоа.
Во март 2023 година ТЕЦ Неготино се интегрира во ЕСМ. Пред тоа беше посебно државно претпријатие.
Како и да е, ТЕЦ Неготино останува точка на економски и еколошки предизвици, додека Македонија се бори да обезбеди стабилни и долгорочни енергетски ресурси.
ЕСМ: СТРУЈАТА ПРОИЗВЕДЕНА НА МАЗУТ Е СКАПА, ПОТРЕБНА Е ЗЕЛЕНА ТРАНСФОРМАЦИЈА
Од АД ЕСМ за Плусинфо изјавуваат дека во моментов не е можно да се намалат производствените трошоци, бидејќи струјата произведена на мазут е скапа. Поради тоа, од претпријатието очекуваат Владата да излезе со конкретни насоки за тоа кога ТЕЦ Неготино ќе ја заврши зелената трансформација.
– Според моменталната цена на мазутот, не е исплатливо ТЕЦ Неготино да продолжи со работа. Цената на мазутот ја диктира цената на еден мегават произведена струја, која сега изнесува околу 200 евра. Затоа, сметаме дека е најдобро ТЕЦ Неготино да остане како „ладна резерва“ во случај на енергетска криза. Најдобро е, како од економски, така и од еколошки аспект, централата да работи на природен гас, бидејќи тоа е нашиот стратегиски правец. Со трансформацијата на РЕК Битола и РЕК Осломеј од јаглен на гас, како и на ТЕЦ Неготино, земјата ќе добие посигурно производство на струја со почисто гориво – нѐ информираа од ЕСМ.
Од ЕСМ додаваат дека целите и насоките за ТЕЦ Неготино ќе бидат дефинирани преку Владата, односно преку Министерството за енергетика, рударство и минерали. Ова се должи на фактот што од 2023 година АД ЕСМ е под надлежност на Владата и на ресорното министерство.
КАКВА Е СОСТОЈБАТА СО ЕЛЕКТРАНИТЕ НА БАЛКАНОТ?
Во регионот постојат електрани кои користат природен или течен гас како гориво за производство на електрична енергија. Еве неколку примери:
Србија. Во Панчево, гасната електрана изградена во соработка со Газпром е една од најновите. Оваа електрана има инсталирана моќност од околу 200 MW и работи со природен гас како примарно гориво, што значително го намалува нивото на емисии во споредба со традиционалните термоелектрани на јаглен.
Хрватска. Во Загреб, електраната EL-TO, која е комбинирана електрана и топлана, исто така користи природен гас како гориво. Оваа централа произведува електрична енергија и топлинска енергија за греење на градот, при што природниот гас ѝ овозможува поеколошко работење.
Македонија. ТЕ-ТО Скопје е комбинирана електрана на природен гас која произведува електрична и топлинска енергија. Оваа електрана е една од главните извори на топлинска енергија за Скопје и е значително почиста алтернатива во споредба со електраните на мазут или јаглен.
Бугарија. Марица Исток 3, која планира делумно да го замени јагленот со природен гас во рамки на транзициските планови, како и електраната Варна, која премина од јаглен на природен гас, се значајни примери за бугарската гасна инфраструктура.
Словенија. Термоелектраната Љубљана (ТЕ-ТОЛ) работи на природен гас, кој е заменет со целосно природен гас во 2020 година, како дел од обидите за намалување на емисиите и загадувањето. ТЕ-ТОЛ Љубљана го снабдува и градот со топлинска енергија.
Црна Гора. Во 2022 година беше најавен проект за изградба на електрана на природен гас, која би го намалила загадувањето и би обезбедила дополнителен капацитет за снабдување со енергија во Црна Гора, но проектот сѐ уште е во фаза на развој.