Дали се направени прекршоци во однос на постапката и дали било неизбежно случајот да дојде до полиција и лишување од слобода, кога станувало збор за сомнеж за нарушена здравствена состојба на наставничкатата, дали се основани индикациите дека таа била жртва на мобинг на работното место, и дали решавањето на проблемот на еден ваков начин бил свесно планиран удар врз нејзиното достоинство, се одговорите кои ги бара јавноста и веќе неколку денови на социјалните мрежи се актуелни апелите за расчистување на настанот, но и за транспареност за истиот.
Одговорот на прашањата треба да го даде Државниот просветен инспекторат. Од Министерството за образование и наука за „Фокус“ велат дека надлежност за вршење надзори и контроли над работата во училиштата има Државниот просветен инспекторат.
Но, и покрај бројните реакции на социјалните мрежи, како и тврдења за голем број на прекршоци во случајов, до ДПИ не била доставена претставка за оваа ситуација.
Очигледно, граѓаните кои реагираат и кои имале некакви сознанија за случајот, истите наместо да ги достават до инспекторатот, ги споделувале на социјалните мрежи.
Затоа пак, оние информации кои биле доставени до МОН, од таму потврдуваат дека ќе бидат проследени до Државен просветен инспекторат, со цел да се спроведе надзор и да се утврдат евентуални нерегуларности при постапувањето на директорката на училиштето. Веднаш откако МВР објави дека наставничка од Неготино била лишена од слобода, откако претходно била пријавена за психичко малтретирање на учениците, ,,Фокус,, ја контактираше директорката на училиштето, Елена Стојанова.
Во телефонски разговор таа го потврди настанот, и изјави дека таа ја пријавила наставничката во полиција, по реакции на ученици и родители, бидејќи од петокот до средата, кога се случи приведувањето, за време на настава наставничката со своето однесување ги вознемирила учениците и кај нив предизвикала страв.
Родители пак, за „Фокус“ појаснија дека наставничката последните неколку дена на учениците им зборувала нерационално и ги вознемирила. Сопругот на наставничката, кој исто така е наставник, но предавал во околните села, потврди дека таа изминатата недела била депресивна и често плачела, а кажа дека и двајцата имале притисоци на работа.
Инаку, 48-годишната наставничка работела речиси 20 години, била наградуван наставник, а минатата година конкурирала за директорка на училиштето, но огласот бил поништен. Околу постапката во вакви случаи, при сомнеж за нарушено ментално здравје на наставник, од МОН за „Фокус“ појаснија дека директорот на училиштето задолжително мора да го упати наставникот на вонреден комисиски лекарски преглед.
-Согласно член 19 став 18, 19 и 20 од Законот за наставниците и стручните соработници („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019) доколку постои основано сомневање дека на наставникот му е нарушено менталното здравје, односно заради болести или други околности кои можат како било да го оневозможат или суштествено да го ограничат при извршувањето на обврските, или можат да го загрозат здравјето или животот на другите вработени и учениците при извршување на неговите обврски, директорот задолжително го упатува наставникот на вонреден комисиски лекарски преглед за преиспитување на способноста за реализација на работните обврски во надлежна здравствена установа.
Наставникот кој е упатен на вонреден комисиски лекарски преглед, нема право да го одбие упатувањето на вонреден комисиски лекарски преглед. Доколку наставникот го одбие упатувањето на вонреден комисиски лекарски преглед, му престанува работниот однос по сила на овој закон – појаснија од Министерството.