За трите квартали профитот достигна 741.000 евра, резултатот е за 20 отсто подобар од истиот период лани, а проекцијата од еден милион евра за 2022 година сега е реалност. Џокерот во ракав на менаџерскиот двоец Арсовски & Алексова беа резервациите за ризични пласмани кои годинава се безмалку на половина од истиот период лани. ТТК Банка направи профит од 741.000 евра за првите девет месеци годинава и тоа е за 20 отсто подобар резултат од истиот период лани. Иако реално гледано летното тромесечје (јули – септември) е најслаб период во споредба со претходните два квартали ТТК Банка успеа да оствари профит што е за 20 отсто поголем од добивката истиот период лани.
Што и донесе раст на добивката на ТТК Банка? – ТТК Банка за девет месеци има нето приход од камати од 2,96 милиони евра што е за 6 отсто помал приход од истиот период лани. За сметка на тоа банката, во овој период, ги зголемила нето приходите од провизии и надоместоци. Тие изнесуваат 2,4 милиони евра и се за 3,5 отсто повеќе од истиот период минатата година. Банката книжи зголемување на останатите приходи од дејноста за повеќе од 50 отсто и тие достигнаа 550.000 евра. Клучна деловна операција за зголемување на добивката на ТТК Банка годинава има намалувањето на износот на резервациите. Тие се преполовени во однос на истиот период лани и сега изнесуваат помалку од 400.000 евра. Трошоците за вработените за деветте месеци изнесуваат 2,2 милиони евра. Тие бележат раст за речиси 120.000 евра во споредба со 2021 година. Овој параметар укажува на грижата на банката за своите вработени особено сега во услови на растечка инфлација.
Каква била деловната активност на банката? – Од билансот на состојба е видливо дека има благо намалување на кредитната активност и релативно поголемо намалување на инвестициите во државни хартии од вредност. До крај на септември банката во кредитно портфолио има 78,3 милиони евра што е за неполни 2 милиони евра помалку од крајот на 2021 година. Вложувањата во државни хартии од вредност се на ниво од 20 милиони евра што е за 5,7 милиони евра помалку во однос на крајот на 2021 година. Оваа банка чува 117,8 милиони евра депозити на комитенти и тоа е за 7,3 милиони евра помалку од нивното на депозити на крај на 2021 година.