Бојан и Крис од популарниот словенечки бенд Џокер Аут, во интервјуто за Мета.мк пред концертот во Скопје викендов велат оти секогаш кога ќе стигнат во некоја балканска земја, се чувствуват некако поинаку, посебно, „како дома, но уште потопло“.
Со преку 26 милиони слушања на третиот албум насловен Сувенир Поп, бендот продолжува да се издигнува на балканската музичка сцена. Оваа година ја започнаа со европска турнеја, настапи на фестивали, а во недела, на 1 декември, во рамките на оф-програмата на „Таксират“ настапуваат во Скопје како дел од нивната балканска турнеја посветена на новоиздадениот албум. Петте членови на бендот се Бојан (вокал), Крис (гитара), Наце (бас), Јуре (тапани) и Јан (гитара). Пред возбудата за концертот во Скопје, разговаравме со Бојан и Крис за Сувенир Поп, бурната година на турнеја и многу повеќе.
Годинава ја започнавте со европска турнеја, летото го поминавте настапувајќи на фестивали, го издадовте вашиот третиот албум, а сега сте на балканска турнеја. Каков беше процесот за снимање албум сред сето ова?
Бојан: Беше напорна, но исполнета година. Претпоставувам дека Евровизија беше почетокот на сè ова, но во ретроспектива не знаевме дека ќе започне и т.н „ера“ на албум за нас. Вистинскиот почеток беше во јануари, отидовме во Лондон на 2 месеци и почнаа подготовките за албумот. Некако почнавме да ги пишуваме повеќето песни, ги обликувавме, а некои од нив беа отсвирени на турнејата уште пред да бидат завршени.
Крис: Некои песни веќе беа направени таму, но многу од нив беа завршени подоцна во студио во Хамбург.
Бојан: На пример, „Lips“ и „Mesto Duhov“ и „Stephanie“ го добија последното обликување потоа во Љубљана.
Минатата година спомнавте дека Лондон ве инспирира поради што избравте да започнете да го пишувате албумот таму. Какво беше тоа искуство и како тоа влијаеше на Сувенир Поп?
Крис: Тоа беше пред да се преселиме во Лондон, во ретроспектива можам да кажам дека не беше она што го очекував, отидовме во многу поносталгична „југо ера“ атмосфера со нашата музика отколку што очекувавме во Лондон. Не можам точно да објаснам како функционираше, можеби само бевме носталгични за дома. Лондон беше главно инспиративен затоа што запознавме многу други неверојатни уметници кои нè инспирираа.
Дали тимот што работи на овој албум се промени?
Бојан: Работиме со истиот тим, имаме „шести член“ кога е во прашање нашата музика, а тоа е нашиот продуцент Жаре. Тој секако работеше и на албумот, беше со нас во Лондон и беше со нас во текот на целиот процес. Главниот тим си останува ист.
Со оглед на разновидноста на стилови и жанрови низ албумот, како се осигуравте дека сите нумери ќе се вклопат во концептот за албумот?
Бојан: Сега кога може да го слушаме без да работиме, можам да сфатам дека звучи кохерентно и составено, но кога го правевме изгледаше како да е расфрлан и насекаде, и кога ќе ги погледнете жанровите така е. Но, сега гледам дека има кохерентен и структуриран звук, се гледа дека е изработен од истите луѓе, поминувајќи низ истите случувања. Иако приказните се сосема различни и звукот е сосем различен на песните, го чуствувам како дело што доаѓа од многу стабилно јадро.
Песната „Sta bih ja?“ беше најавена како сингл, но интересно е што обожавателите веќе ја пееја песната уште пред официјалното објавување. Зошто мислите дека стана таков феномен меѓу фановите?
Крис: Изненаден сум од позитивната реакција што ја доби уште пред да излезе песната, секако мислевме дека е добра песна, но сепак сум изненаден. Турнејата што ја направивме во март беше возбудлива затоа што свиревме нови песни, а една од нив беше „Sta bih ja?“ која е најенергичната песна од новите, па претпоставувам дека некако природно дојде до центарот на вниманието, публиката се поврза со песната. Дури и сега е една од највозбудливите песни на концертите. На настапите во Љубљана, двете вечери ми беше омилена песна за свирење, па дефинитивно сме возбудени што ќе ја свириме во Скопје.
Бојан: Кога ја отсвиривме за прв пат во Хелсинки, луѓето не знаеја да ја пеат, но толпата само експлодираше. Немаа поим за текстот на песната, но како што велат, Едноставно е „јака“.
Кои од новите песни ви се омилени за свирење на концерти?
Крис: За мене би биле „Sta bih ja?“ или „Мesto duhov“, и „Вluza“. „Bluza“ исто така е обожавана од фановите.
Бојан: За мене се „Ako toga vese neci biti“, „Sta bih ja?“ и „Еverybody’s waiting“.
Која песна ја работевте најдолго време?
Бојан: „Sta bih ja?“, затоа што отидовме во студио откако ја имавме свирено десетици пати во живо за време на турнејата. Беше како кога ќе започнеш нешто со многу големи очекувања и имаш многу јасна слика за тоа што сакаш да постигнеш. Но, речиси е невозможно да се постигнат тие очекувања.
Крис: Тоа беше првата песна што ја започнавме во Хамбург и последната песна што ја завршивме.
Иако „Lips“ не беше издадена како сингл, таа стана една од попопуларните нумери од Souvenir Pop, и е воедно најразлична од вашите претходни песни. Кој беше креативниот процес зад создавањето на таа песна?
Бојан: Започна како обична рокенрол песна која требаше да биде на англиски и француски, но не ни успеа, па ја оставивме идејата. Потоа се вративме во Љубљана, Жаре свиреше ритам па смислив дел од текстот и некако почнавме да градиме оттаму, требаше да ги направам мелодијата и текстот. Наце беше клучното парче што фалеше од сложувалката, ги зема идеите за ритам и вокали ги структурираше заедно. Тој ги организираше останатите да ги снимаат гитарите и синтисајзерот, но вклучуваше многу напор од сите.
Бојан, со оглед на тоа што ти ги пишуваш песните, какво беше искуството да работиш на песни на три различни јазици за овој албум?
Бојан: Всушност е многу различно, но искусни сме во тоа да сме далеку од дома и со луѓе кои не зборуваат словенечки, така што поминав многу време не само во комуникација, туку и во процесирање на мисли на англиски, српски и словенечки. Беше прилично интересно колку природно различни мисли и приказни излегоа од мене од различни јазици, сега верувам дека можам да бидам искрен со себе на различни начини и јазици, што е прилично кул затоа што најдов алатка за дури и да бидам поотворен со себе во музиката. Со нетрпение чекам да продолжам со пишување.
По Евровизија, успеавте да го задржите па и да го зголемите бројот на слушатели, што не е случај за многу музичари кои учествуваат на натпреварот. Зошто мислите дека успеавте да ја задржите јавноста заинтересирана?
Крис: Никој од нас нема да може целосно да одговори на ова прашање бидејќи сè уште сме и ние изненадени, но мислам дека беше важно што продуктивно ги искористивме можностите по Евровизија, нашите први концерти после Словенија беа во Даблин, што можеби не беше ни неколку недели по Евровизија. На многу други уметници им треба пауза потоа, што е разбирливо. Истото лето веднаш отидовме во Даблин и Обединетото Кралство, а потоа во септември во скандинавските држави и истиот процес продолжува до денес. Мислам дека тоа имаше голем удел, не дозволивме никој да не заборави, или барем никој што беше заинтересиран за нашата музика. Направивме и нешто што можеби не е толку препорачливо, но секоја недела кога имавме слободно време, влегувавме во студио и работевме на нова музика бидејќи знаевме дека во одреден момент ќе треба да го поткрепиме успехот со нова музика за да ги задржиме луѓето заинтересирани. Според мене, напорната работа нè доведе до тука.
Бојан: Мислам дека е многу важно што имавме музика уште пред да одиме на Евровизија, така што не бевме чин што постоеше само во областа на натпреварувањето, туку бевме чин што свиреше неколку години и имаше обожаватели дома што е навистина важно. Друга работа е што ние сме бенд, а луѓето сакаат да слушаат бендови во живо. Како бенд можеме да свириме секаде без разлика дали станува збор за бар или фестивал.
Кога утврдивте дека албумот е готов и подготвен за издавање?
Бојан: Кога беше објавен, буквално тогаш можев да престанам да се прашувам дали е готов и доработен.
Крис: Помага да имате рок, инаку влегувате во глупав круг на сомнеж. После тоа, сите промени што мислите дека требало да се направат, веќе не се важни и нема ни да се сеќавате што сте сакале да промените. Многу сме задоволни од реакциите, мислам дека луѓето разбираат каде одевме со насоката на сувенир поп.
Бидејќи пред скоро ја започнавте балканската турнеја, забележувате ли разлика во ентузијазмот на публиката овде во споредба со остатокот од Европа?
Бојан: Поинакво е чувството кога и да стигнеме во некоја балканска земја, секогаш се чувствуваме како дома, но уште потопло. Секогаш сме топло пречекани или од луѓето кои работат за организаторите на концертите или од фановите. Луѓето овде се многу гостопримливи. Се чувствуваме како дома, и се разбира храната е секогаш неверојатна.
Крис: Затоа сум возбуден за концертот во Скопје, последен пат од она што можевме да го видиме беше прекрасен град, па затоа сакам да се вратиме. Публиката беше неверојатна. Имаше огромни технички потешкотии, но публиката беше толку неверојатна што ги заборавивме техничките проблеми.