Акциите на производителот на електрични автомобили „Тесла“ паднаа за повеќе од 40 отсто по нивната највисока вредност од 488 долари во декември, откако продажбата на возилата на компанијата во ЕУ и Велика Британија речиси се преполови во јануари. Падот на вредноста на акциите ја врати пазарната капитализација на „Тесла“ под трилион долари за првпат од ноември лани, пишува „Би-би-си“. Само во средата, акцијата на „Тесла“ на Њујоршката берза загуби 4,5 проценти од вредноста и падна под 300 долари (околу 289).
„Тесла“ се соочува со жестока конкуренција на европскиот пазар, пред се од кинески, но и други производители. Покрај тоа, сопственикот на Tesla, Илон Маск, предизвикува политички контроверзи на двете страни на Атлантикот.

Продажбата на „Тесла“ во јануари се разликува од трендот на продажбата на електрични автомобили во Европа, која се зголеми за повеќе од една третина тој месец, според податоците на трговската асоцијација „Ацеа“. Париски „Ле Монд“ го толкува стрмоглавиот пад на акцијата на „Тесла“ како крај на еуфоријата на пазарите што ја предизвика доаѓањето на Доналд Трамп на власт во САД. Продажбата на „Тесла“ низ ЕУ, ЕФТА и Велика Британија падна за повеќе од 45 отсто, а само во ЕУ за повеќе од 50 отсто. Ова доаѓа откако лани продажбата на компанијата падна за првпат по повеќе од една деценија, откако побарувачката ослабна, а конкуренцијата го забрза темпото. Главниот фактор за падот на продажбата во јануари беше веројатно зголемувањето на конкуренцијата, изјави за „Би-би-си“ Рас Молд, инвестициски директор во „А.Џ. Бел“. Кинескиот производител „BYD“ направи голем напредок, делумно затоа што вклучува некои карактеристики како стандард за кои другите производители наплаќаат дополнително, вели Молд.
Сепак, некои купувачи можеби заземаат „принципиелен став“ поради политичкиот ангажман на Маск, додаде тој. Маск предизвика контроверзи во САД со неговата вклученост во намалувањето на американските развојни фондови и напорите за драстично намалување на федералното финансирање. Во Британија, тој го поддржува затворениот десничарски активист Стивен Јаксли-Ленон, познат и како Томи Робинсон, и постојано го критикуваше премиерот Сер Кир Стармер. Маск ја поддржува и крајнодесничарската партија АфД во Германија и ѝ честиташе на нејзината лидерка Алис Вајдел по најдобриот резултат на изборите досега. Постојат и други политички фактори кои би можеле да ги намалат изгледите на компанијата, вели Молд. Акциите на „Тесла“ добија голем поттик по изборите во САД поради блискоста на Маск со Доналд Трамп – Маск се опиша себеси како „прв пријател“ на американскиот претседател. Инвеститорите мислеа дека тоа ќе биде од корист за неговите компании. Сепак, Трамп не е поддржувач на електричните возила и најави дека ќе ги укине активностите и државните политики кои ја стимулираат нивната употреба. „Како некој мислеше дека ова ќе биде добро за Тесла, не знам“, вели Молд.