Алијанса на Албанците (АА) најверојатно ќе добие три министерства во владата на Димитар Ковачевски, брифираат извори од оваа партија. Ресорите правда и здравство наводно веќе се капарисани, а од рокадата на министерствата меѓу СДСМ и ДУИ зависи дали третиот ресор ќе биде образование, екологија или земјоделство.
Поделбата на пленот ќе биде позната по денешната средба во Владата (вторник, 31 јануари) помеѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на Алијанса, Арбен Таравари. Средбата е закажана во 13 часот. Гостиварчанецот Таравари најавува дека на средбата со Ковачевски ќе дојде со програма со пет точки, кои мора да бидат прифатени пред да се разговара за поделбата на ресорите.
Добро упатени извори, сепак, велат дека програмските разлики, доколку воопшто ги има, лесно ќе се испеглаат и дека во ваквите преговори секогаш доминира поделбата на министерствата, на заменичките и на директорските места и на другите привилегии.