Ако ги погледнете резултатите, некој помешал микро и милиграми. Сите се во рамки на дозволените количини, рече Бабовски Во доматите и краставиците нема тешки метали штетни за здравјето на граѓаните, истакна уште еднаш денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски. Според него, резултатите од испитувањата кои ги објави опозициската ВМРО-ДПМНЕ се негативни и, како што рече, не му е јасно со која цел намерно се шири паника во јавноста. Ширењето лажна паника и тревога е кривично дело, додаде Бабовски, а дали АХВ ќе поднесе пријава за тоа, ќе се знае наредните денови.

-Негативни се сите резултати за наводни резидуи од метали или присуство на тешки метали во овошјето и зеленчукот. Не знам која беше целта да се шири паника меѓу граѓаните. Изгледа при брифирањето некој некого излажал. Ако ги погледнете резултатите, некој помешал микро и милиграми. Сите се во рамки на дозволените количини. За жал, некој се декларира како демохристијан, а за време на верски празник излегува со неточни податоци – за мене е тоа нон-сенс. Ќе мора да преземеме некои активности за да се заштитат граѓаните. Нам не ни значи нечие извинување – рече Бабовски одговарајќи на новинарски прашања.Тој објасни дека при увоз, кога се прават контроли, ако се најдат пратки кои не се сомнителни, се ставаат под надзор.

   

-Право на увозникот и економскиот оператор е да побара второ мислење или супермислење. Неодамна, на пример, имавме пратка со портокали од Египет. Резултатите покажаа присуство на пестициди над дозволеното. Таа пратка е ставена под надзор – додаде Бабовски.

Пред два дена Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ на својот Фејсбук-профил сподели информација според која олово, кадмиум и арсен се пронајдени во домати и краставици. Тоа, како што наведе Трипуновски, го покажуваат најновите извештаи за анализи направени од Државната фитосанитарна лабораторија. Трипуновски беше дециден дека министерот за земјоделство Љупчо Николовски и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски мора да понесат одговорност и ги повика да поднесат оставки од функциите.