„Управувањето со јавни финансии е особен предизвик во услови на турбулентно економско окружување. Експанзивна фискална политика која беше водена во периодот на пандемијата, преку таргетирана поддршка за одржување на ликвидноста на компаниите, зачувување на работните места и социјална помош за невработените и ранливите категории на граѓани, резултираше со пораст на буџетскиот дефицит на 8,1% од БДП во 2020 година, придонесувајќи за нагло зголемување на јавниот долг на 59,7% од БДП, достигнувајќи рекорден јавен долг од 61 % во 2021 година, која со континуирана заложба за фискална консолидација можеме да се пофалиме дека заклучно со 31.12.2022 година се спушти на ниво од 57,1% од БДП,“, рече министерот Бесими. Тој потенцира дека значајно е тоа што нивото на јавниот долг се намали во услови на криза и дека тоа е под Мастришкиот критериум (60%).
„Со напорите за фискална консолидација ќе продолжиме и од реформите не отстапуваме. Го донесовме Законот за буџети, поставивме фискални правила. Почнавме реформа за воспоставување современ модерен даночен систем, кој ќе значи праведност, ефикасност, транспарентност и ќе се темели на современи дигитални технологии и иновации, а сето тоа во функција на постигнување на забрзан, инклузивен и одржлив економски раст. Даночната реформа која како концепт ја воспоставивме не значи зголемување на даноци, туку е во насока на проширување на даночната база и ревидирање на даночните ослободување, а кои создаваат нееднаков третман на даночните обврзници“, рече министерот Бесими. На панелот учествуваа гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска, директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, академик Абдулменаф Беџети и Глигор Бишев, советник на премиерот. Гувернерката Ангеловска Бежоска се осврна и на улогата на координацијата на макроекономските политики во одржување на стабилноста на економијата, особено во услови на криза.
На Панелот, Бишев потенцира дека монетарната политика ќе остане примарен инструмент за соборување и контрола на инфлацијата, преку повисоки каматни стапки и успорување на растот на кредитите. „Фискалната политика, според него, ќе го поддржи соборувањето на инфлацијата преку намалување на буџетскиот дефицит. Истовремено преку алоцирањето на значителни средства за инвестиции во инфраструктурата, таа ќе го поддржи растот и конкурентноста на економијата. Тоа ќе биде оптимален микс кој ќе ги оствари крајните цели на стабилност на цените и позитивен економски раст.”