Во рамките на официјалната посета на Обединетото Кралство на Собраниската делегација од 25 до 27 февруари, што е прва официјална посета на една делегација од нашата земја во Британскиот парламент, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, со потпретседателот на Собранието Јован Митрески; претседателот на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Обединетото Кралство, Никола Мицевски; заменик-координаторката на ПГ на Коалицијата Европски фронт, Арбана Пашоли и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, реализираа билатерална средба со сер Линдзи Хојл, спикер на Долниот дом на Британскиот парламент. Сер Хојл срдечно ја поздрави Делегацијата и се осврна на актуелната геополитичка состојба која несомнено се одразува врз сите држави. Истакна дека војните и агресиите не се решение за никого и треба сите заедно да работиме на надминување на овие состојби и да градиме стабилни општества со силни парламенти. Во однос на парламентарната моќ, повика на зголемена јавност и транспарентност, бидејќи демократијата е многу подобра кога е транспарентна.
Претседателот Гаши ги констатираше одличните билатерални односи меѓу двете земји, во политички и економски контекст, и ја истакна посветеноста да се негува долгогодишното партнерство рефлектирано преку силни и храбри односи. Се заблагодари на континуираната поддршка на евроинтеграцијата на земјата и на силното сојузништво во НАТО Алијансата. Во однос на парламентарната соработка, двајцата соговорници ја истакнаа важноста на соработката меѓу Групите за соработка, преку споделување искуства од парламентарното работење и примена на ефикасни британски искуства од посебни области од интерес за Македонското собрание. Сер Хојл изрази подготвеност за конкретна британска поддршка преку сениорска експертска асистенција на пратениците и службениците на подолгорочна основа. Претседателот и Делегацијата ја констатираа важноста на соработката на Собранието со Вестминстер фондацијата за демократија, која има имплементирано голем број проекти со кои се надгради работата и на пратениците и на собраниската служба.
Беше изразена благодарност до Обединетото Кралство за силната поддршка на политиката на проширувањето на ЕУ, кои ја сметаат европската интеграција за начин за постигнување на трајна стабилност и просперитет за регионот на Западниот Балкан. Се разговараше и за сојузништвото на двете земји во НАТО Алијансата, што претставува бенефит за двете држави. Претседателот Гаши истакна дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан не е само политичко, туку и безбедносно прашање, на кое треба да му се обрне должно внимание. Го образложи примерот на својата земја која и покрај сите отстапки што ги направи, а го допираа македонскиот идентитет и го променија името на државата, се обезбеди влез во НАТО, но вратите на ЕУ останаа затворени. Спикерот Сер Хојл го истакна значењето на парламентарната дипломатија и меката моќ на влијание и искрено се заложи овие значајни прашања да ги подигне на повисоко ниво и да им даде вокалност во средбите со колегите и други високи политички личности. По завршување на средбата, Сер Хојл го покани претседателот Гаши да се потпише во Книгата за гости, што беше проследено со размена на пригодни подароци меѓу двата претседатели. За време на приемот приреден во чест на претседателот на Собранието Африм Гаши и Делегацијата, беа разменети срдечни здравици. При пристигнувањето на претседателот Гаши и Делегацијата, во делот “New Palace Yard” од Палатата Вестминстер беше приреден формален пречек со истакнување на македонското знаме. По завршувањето на официјалниот дел од програмата, делегацијата присуствуваше на седницата посветена на пратеничките прашања од галеријата на Спикерот.