Република Северна Македонија е дел од паневропскиот коридор на патни правци, нема отстапување од Коридорот 8 и на Исток и на Запад, бидејки Коридорот 8 сврзува сојузнички земји, земји на НАТО.
Ова го изјави заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи во интервјуто на ТВ 24.Во делот на изградбата на пругата кон Бугарија, Битиќи изјави дека преку грантови и кредити за прв пат се осигурани финансиски средства, а паралелно се избрани и фирмите за двете делници, и дека сега следи третата делница која е најтешката.
Вицепремиерот Битиќи додаде дека за прв пат после низа години може да тврдиме дека и двете страни градат, и имаат стриктни рокови на кои се држат и нема отстапување од Коридорот 8 и на Исток и на Запад.
„Сите држави, дел од Коридорот 8, не се непријателски туку сојузнички земји, сите сме дел од НАТО, Северна Македонија, Албанија и Бугарија и ова го прави значењето на Коридорот 8 уште позначаен, но и самата крстосница во која се наоѓа нашата земја со коридорот 8 и коридорот 10 ја прави уште поголема важноста“, изјави Битиќи.Ова, рече Битиќи, се должи на фактот што Владата за прв пат ги поставува работите за системско решавање на недостатоците во инфраструктурата.