Европската комисија денеска соопшти дека ќе реагира „веднаш и решително против неоправданите пречки за слободната и фер трговија“, откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата администрација донела одлука и деканаскоро ќе објави воведување царини од 25 отсто на увозот од Европската унија. Портпаролот на ЕК, како одговор на барањето за коментар на најавите на Трамп, исто така рече дека ЕУ ќе реагира „кога тарифите ќе се користат за оспорување на законски и недискриминаторни политики“, пренесе „Ројтерс“. – Европската унија е најголемиот слободен пазар во светот. И тоа беше благодет за Соединетите држави“, рече портпаролот.
Тој додаде дека „ЕУ секогаш ќе ги штити европските бизниси, работници и потрошувачи од неоправдани царини“. Портпаролот рече дека со создавањето на голем и интегриран единствен пазар „ЕУ ја олесни трговијата, ги намали трошоците за американските извозници и ги усогласи стандардите и регулативите во 27 земји“. „Како резултат на тоа, американските инвестиции во Европа се многу профитабилни. Европа се залага за дијалог, отвореност и реципроцитет. Подготвени сме за партнерство доколку играте според правилата. Но, ние ќе ги заштитиме нашите потрошувачи и бизниси на секој чекор. Од нас не очекуваат ништо помалку“, заклучи портпаролот.