Со пораки како „Имаме право на лек“, „Здравје – основно човеково право“, „Сакаме лек, а не комодитет“ и „Ретки сме и постоиме“ пациентите со цистична фиброза на протест пред Владата побараа да им се обезбеди современа терапија и соодветни услови за хоспитализација.
Тие уште еднаш побараа право на модулаторна терапија – Трикафта за сите пациенти со цистична фиброза, односно државата веднаш да обезбеди средства за воведување модулаторна терапија по принципот на сите европски и балкански држави, со соодветен план и стратегија за опфаќање на целата популација која е заболена од оваа ретка болест.