Владата на денешната седница, на предлог на Министерството за надворешни работи ја разгледа и усвои Информацијата за номинирање кандидатка, д-р Мирјана Лазарова-Трајковска, за судијка во Меѓународниот кривичен суд во Хаг.
„Во текот на јануари, од Меѓународниот кривичен суд со седиште во Хаг, според информацијата од МНР, е доставен повик за номинирање судии до Северна Македонија. Земјава е дел од Источно-европската група од којашто ќе се изберат двајца судии за Меѓународниот кривичен суд, на 22-та сесија на Собранието на земјите членки, што ќе се одржи од 4 до 14 декември 2023 година во Њујорк. Мирјана Лазарова-Трајковска е досегашна судијка во Врховниот суд (која во моментов работи на области во Оддел за казниви дела, Претседателка на Одделот за судење во разумен рок и одделот за судска практика), поранешна судијка во Европскиот суд за човековите права во Стразбур и во Уставниот суд на Република Северна Македонија“, информираат од Владата.Кандидатурата на Лазарова-Трајковска е поддржана од претседателот на Република Северна Македонија, од МНР и од Судскиот совет на Република Северна Македонија.
Kако највисоко рангирана, Мирјана Лазарова-Трајковска беше едногласно избрана за судијка за кривичната област во Врховниот суд во февруари 2020 година. Таа е поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, а била и уставен судија во периодот од 2003 до 2008 година. Во нејзината професионална биографија се запишани повеќе работни места во МВР во периодот од 1988 до 2001 година, краток период работела и во Секторот за човекови права во МНР, а од јули 2002 до мај 2003 била претседателка и на Државната изборна комисија.