Во своето вчерашно гостување во емисијата „24 анализа” на телевизија 24, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Душко Иванов на прецизен начин ги изложи своите ставови и погледи на актуелната политичка ситуација, посебно на тоа што Македонија е ко-спонзор на американската резолуција за помош на Украина. Иванов нагласи дека оваа одлука е од стратешка важност за земјата. Тој нагласи дека Македонија активно ја води својата надворешна политика, при што се фокусира на засилување на соработката со САД и интензивни консултации со лидерите на Европската унија. Според него, оваа политика е јасно видлива и ја води премиерот Христијан Мицкоски, кој активно ги продлабочува дипломатските односи со клучните меѓународни партнери.
„Мислам дека во изјавите на премиерот од денес, сите сме свесни и видовме дека личната проценка во надворешната политика, личната проценка на премиерот нема да ја има. Стратегијата мора да постои, од тоа што го слушнавме и што го знаеме во ВМРО-ДПМНЕ. Стратегијата е видлива за сите нас и сведочиме за интензивната надворешна политика што се води од страна на Република Македонија, предводена од премиерот Христијан Мицкоски. Сведоци сме дека Македонија интензивно комуницира со својот стратешки партнер, САД, и е во постојан контакт со лидерите на ЕУ“, дополни Иванов. Иванов објасни дека стратегијата зад гласањето беше целосно образложена, нагласувајќи дека Македонија ја поддржа резолуцијата и е ко-спонзор на американската иницијатива. Според него, оваа резолуција беше единствено усвоена од Советот за безбедност, што ја прави апликативна и значајна за македонската надворешна политика.
„Во светот сите сме сведоци дека се случува ново нормално што е нормално за Република Македонија и стратегијата е дека секогаш Република Македонија ќе биде во тесна корелација и врски со стратешкиот партнер САД и со ЕУ“, истакна Иванов, додавајќи го прашањето: „Зошто тогаш не гласавте за таа резолуција?“ Иванов нагласи дека во контекст на стратешкото партнерство со САД, биле поднесени амандмани, од кои е усвоен еден, што резултирало со донесување на заеднички став. Тој објасни дека, иако ВМРО-ДПМНЕ се воздржала при гласањето, амандманот што бил поднесен и прифатен имал значајна улога во процесот.
„Во корелација со стратешкиот партнер, биле поднесени амандмани, прифаќањето на еден од амандманите доведе до донесување на заеднички став. Ние се воздржавме при гласањето, но амандманот што беше поднесен и усвоен беше значаен за целиот процес. Ние сме независна и суверена земја. ВМРО-ДПМНЕ ја доби довербата од граѓаните на последните избори врз основа на сопствената програма и водената надворешна политика“, додаде Иванов. Иванов потсети на минатото, кога при прифаќањето на предлози за преговарачка рамка, транспарентноста во процесот на преговори беше крајно ограничена, а македонските граѓани беа минимално информирани. Во контекст на актуелните настани, тој се осврна на изјавата на Кузеска, која побара одговорност и отчетност по посетата на премиерот во Вашингтон. „Ние сме сведоци во минатото, кога се прифаќаа некои предлози за преговарачка рамка, транспарентноста за преговорите најмалку ја знаеја македонските граѓани. Сега слушам од госпоѓата Кузеска дека требало да дадеме отчет пред граѓаните по посетата на премиерот во Вашингтон, дека треба да дадеме некакво образложение за тоа што сме направиле таму. Го повикувам СДСМ да поднесат повторно барање до ДКСК, но се плашам дека ќе добијат исти одговор како и за првото патување во Вашингтон“, заклучи Иванов.