На денешната седница на Град Скопје, во однос на предлог-одлуката за изменување на Одлуката за линиски превоз на патници на градот Скопје имаше свое обраќање советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Стојановски кој нагласи дека ова одлука нема да се поддржи затоа што би ги довела граѓаните во ситуација уште повеќе да имаат проблеми со автобуските линии со редуцираниот возен ред. „Како претседател на Комисијата за урбанизам и сообраќај, претходните денови одржавме комисија заедно со секторот од градот Скопје за сообраќај и со препоставените од тоа претпријатие. Инаку морам да ви кажам дека на Комисија ова точка за измена на линискиот превоз не помина, воедно и ќе образложам зошто. Како советници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата нема да поддржиме ваква точка од причина што ние никако не сме за кратење на линиите т.е за намалување на постојните автобуси во текот на денот за граѓаните“, рече Стојановски.
Тој ги образложи сите кратења на линии кои се предвидени со ова барање, и беше дециден дека ваква алармантна бројка нема да биде во никој случај прифатена, затоа што првенствено претставува нечовечки однос кон граѓаните. „Вкупно 92 кратења во еден ден бара ЈСП Скопје од советот, да донесе одлука за да тие автобуски линии постојани линии кои возат во текот на денот да бидат скратени, ова е огромна бројка ова е алармантно, јас го разбирам моментално недостигот на автобуси доколку го има ЈСП, они ветуваа и дека ќе ги поправат 30 автобуси некаде пред нова година но не добивме информација дали ги поправија. Затоа сакам да се изјаснам уште еднаш дека ваква фрапантна бројка, ваква анализа ваков нечовечки однос кон граѓаните ние како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да дозволиме“, вели Стојановски.
Тој додаде дека се надева дека и другите советници нема да го прифатат овој предлог, затоа што се работи за сосема друга намера од страна на ЈСП. „Затоа повикувам сите останати советници да не го поддржат овој нов возен ред кој се става на голема врата во градот Скопје, затоа и онака граѓаните чекаат автобуси. Замислете ако се прифати овој возен ред да има редуцирано помалку автобуси од тоа што има сега замислете кога ќе дојде еден автобус, колку граѓани ќе чекаат колку време и колку тој ќе биде полн, дали тој автобус ќе може да ги собере тие граѓани да влезат во автобусот. Не, нема да може од причина што ќе бидат редуцирани. Јас мислам дека тука се работи за сосема нешто друго, да се намалат некакви трошкови на Јавното сообраќајно претпријатие, иако им даваме секоја година по два пати субвенции и затоа мислам дека оваа одлука нема да е правилна доколку некој ја изгласа“, вели Стојановски.