Ниту еден родител не е совршен и одвреме-навреме греши во воспитувањето, но некои грешки може сериозно лошо да влијаат на однесувањето на детето – особено во позрелата возраст. Социјалната работничка од САД, Тензин Чодон открива какви грешки прават родителите и несвесно, несакајќи, одгледуваат тврдоглави деца. – (Децата) треба да знаат дека ги слушате, дека нивното мислење вреди и не ги игнорирате кога разговараат со Вас. За разлика од други деца, на некои бесот им е најлесниот начин да го добијат она што го сакаат… А, токму улогата на родителите е пресудна во одредувањето дали нивното дете ќе порасне во тврдоглава личност, објаснува Чодон.
Следат шесте најчести грешки на родителите, коишто резултираат со тврдоглави деца.
Родителот не поставува јасни правила – Во воспитувањето треба да постојат одредени правила и граници кои детето мора да ги почитува. Во ред е детето да ја изразува сопствената желба и волја, но не секогаш. Родителите не смеат да им попуштат на децата кога се во прашање некои правила. Дури и ако тоа понекогаш значи ограничување на нивната слобода, децата треба да знаат што е правилно, а што погрешно однесување, вели Чодон.
Недоволна комуникација со детето – Меѓу најважните работи за успешно воспитување е комуникацијата. Ако ја нема, стручњаците предупредуваат дека детето може да порасне во тврдоглава личност. Зошто? Комуникацијата е клучот за воспоставување квалитетен однос родител – дете. Ако родителите немаат доволно време или не сакаат да го слушнат своето дете, голема е веројатноста дека и тоа нема да сака да слуша подоцна, според Чодон.
Запоставување на потребите на детето – Можеби најголемата грешка на родителот, е игнорирањето на потребите на своето дете, без разлика дали е тоа разговор, слушање, разбирање или, просто – внимание. Имено, доколку детето забележи дека неговото мислење не се цени или дека не му се обрнува внимание, ќе се потруди да привлече внимание со своето тврдоглаво однесување. Она што е проблем е фактот што детето ќе се обиде да привлече внимание со лошо однесување.
Преголема критичност на родителот кон детето – Родителите се обидуваат детето „да го изведат на вистинскиот пат“, но понекогаш одат и предалеку. Прекумерната критика и очекувањето совршени резултати од детето може да резултира со тврдоглаво однесување бидејќи ниедно дете не сака притисок. На крајот на краиштата, сите ние понекогаш грешиме и тоа е нормален дел од животот, појаснува социологот.
Недоследност во своите одлуки – Доколку Вашето дете случајно забележи дека како родители не сте доследни, неговото однесување може да се промени, како и неговото почитување кон Вашите правила и граници. Имено, секое отстапување од одлуките или зборовите, кај Вашето дете може да резултира со тврдоглава реакција и однос… Без разлика дали се работи за казна, ограничување или награда, предупредува Чодон.
Викање и казни- Нормално е детето одвреме – навреме да противречи, но важно е и тоа – како возрасниот ќе реагира притоа. Наместо да вика и казнува, родителот мора да се обиде мирно да му објасни на детето што згрешило. Имено, начинот на којшто реагира има значително влијание врз однесувањето на малечкото кое секогаш го гледа, слуша и проучува својот повозрасен пример, кого го следи во животот.