Во новиот извештај се наведува дека во Индија, која има 1,4 милијарди жители, дури една милијарда луѓе немаат пари за никаква стока или услуга. Имено, во извештајот на компанијата за ризичен капитал Блум Венчрс беше истакнато дека класата на потрошувачи во оваа земја, која е пазар на сè повеќе стартап компании, е голема колку Мексико – меѓу 130 и 140 милиони луѓе. Класата на потрошувачи во подем има 300 милиони луѓе, благодарение на онлајн купувањето. Се тврди дека класата на потрошувачи во третата азиска економија се зголемува, што не значи дека се зголемува бројот на богати. Всушност, богатите стануваат сè побогати. Сето ова го обликува индискиот потрошувачки пазар на различни начини, забрзувајќи го трендот на „премиумизација“, процес со кој брендовите ги прошируваат своите понуди за богатите наместо да се фокусираат на понудите на масовниот пазар.
Тоа е видливо и во порастот на продажбата на ултра луксузни вили и премиум мобилни телефони. Од друга страна, домовите по пристапни цени сочинуваат само 18 отсто од пазарот, во споредба со 40 отсто пред пет години. Индија е сè повеќе општество на нееднаквост. Имено, 10 отсто од населението поседува 57,7 отсто од националниот доход, наспроти 34 отсто во 1990 година. Последното намалување на потрошувачката се случи како резултат не само на намалувањето на куповната моќ, туку и на наглото намалување на штедењето и на растечката задолженост на граѓаните. Централната банка го суспендираше лесното необезбедено кредитирање што ја зголеми побарувачката по пандемијата. „Ова сугерира дека стоките и услугите поврзани со потрошувачката на средната класа веројатно ќе се соочат со тежок период во наредните години“, се предупредува во извештајот, пренесува Кликс.ба.