Шефот на Делегацијата на Европската унија во Босна и Херцеговина, Луиџи Сорека, ги повика сите политичари во БиХ да се воздржат од реторика на провокации и дејствија што создаваат поделби, вклучително и доведување во прашање на уставниот поредок, суверенитетот, целовитоста и територијалниот интегритет на земјата.
Реакцијата доаѓа по првостепената пресуда за непочитување на одлуките на високиот претставник во БиХ против претседателот на Република Српска. Милорад Додик беше прогласен за виновен и осуден на една година затвор и шест години забрана за политичко делување, по што даде серија изјави со кои ја негира државноста на БиХ, нејзиниот уставен поредок, а истовремено и ги навреди високиот претставник Кристијан Шмит, Европската Унија и нејзините претставници. „Европската Унија е недвосмислено посветена на европската перспектива на Босна и Херцеговина како единствена, целовита и суверена земја“, изјави Сорека, се вели во соопштението од Делегацијата на ЕУ во БиХ. Тој додаде дека Унијата, по одлуката на Европскиот совет во март 2024 година за отворање на пристапните преговори, ги охрабрува сите политички актери да се насочат кон европскиот пат во интерес на граѓаните.