Министерот за финансии потенцира дека ова е првиот буџет подготвен согласно новиот Закон за буџети, како и дека се менува неговата структура со поголемо учество на капиталните инвестиции во буџетот.„Ова е развоен буџет, со оглед на тоа дека капиталните инвестиции се повисоки од буџетскиот дефицит“, посочи министерот Бесими и истакна дека средствата од буџетот се насочуваат онаму каде даваат најголем ефект за остварување на економски цели за забрзан раст и развој. „Тоа ќе се контролира со воведените индикатори и политики за мерење на резултатите од нивната примена“, рече министерот за финансии.Министерот посочи и дека во предлогот се намалуваат непродуктивните трошења, како за дневници за службени патувања, за возила и слично, согласно Планот за фискална одржливост, а во насока на фискалната консолидација.
„Се намалуваат непродуктивните трошења, како ставките за дневници за службени патувања, за возила и други непродуктивни трошоци. Предвиден е раст од 5 % за плати каде е вклучен ефектот од зголемувањето на минималната плата, а кај стоките и услугите е предвиден раст од 2 % за зголемените трошоци за електрична енергија и енергенси зарад порастот на цената“, рече Бесими.
Ова е прва прес-конференција од низата планирани со поединечните министерствата во правец на транспарентно претставување на буџетите. Тие имаат за цел подетално во јавноста да информираат за одделните ставки и проекти во буџетот согласно заложбите за фискална транспарентност и отчетност на Владата.