AMA ТИТО НИ ИЗГРАДИ ТЕРМОЦЕНТРАЛИ, УЧИЛИШТА – Ова е еден од најчестите аргументи на Југобумерите во однос на нивниот овчар Тито. Како и обично, нема допирна точка со фактичката реалност. Да го земеме примерот со фамозниот аргумент за електрификација – Ако не беше Тито, немаше да имаме ни струја. Скопје започна со електрификација во 1907 година. Битола беше електрифицирана во 1924 година.
Од 1936 до 1940 година електрифицирани се Гостивар, Охрид, Струмица и Пробиштип.
Уште пред Тито секој град имал независен и посебен електроенергетски развој. До Тито, повеќето градови во Македонија веќе имале електрична енергија.
Знаеш зошто е багателен овој и слични вакви аргументи?
Бидејќи алудира дека ако не беше Тито, Македонија ќе останеше зацапена и суспендирана во време и простор небаре затворена во плакар. Македонците ќе се возеа на магариња и ќе пасеа овци. Не бе, технолошки развој немаше да ја допре Македонија да не беше Тито. Глобализацијата немаше да ја допре Македонија да не беше Тито. Немаше да има Македонија претприемчиви луѓе, луѓе со комерцијален менталитет што ќе носеа иновации, што ќе отвараа бизниси, што ќе истражуваа, што ќе носеа нови искуства од странство.
Како ли успеаа светилките да светнат во повеќето Македонски градови пред Тито….
Ете тоа го направи Титовото перење мозоци. Упропасти една цела генерација. Ги натера да веруваат дека ако не е политичарот, ако не е контролниот планер таму горе, ти, обичниот работен, преприемлив човек немаше да имаш ниту училишта, ниту струја, ниту патишта, ниту храна, ниту вода, ниту лекови. Немаше да поседуваш никаква способност за само-организација и иницијатива. Никако да разбереме дека претприемачот е тој што иновира, комерцијализира, и создава, не политичарот.
Напротив, сосема веројатно е дека доколку Македонија не паднеше под Комунистичка опсада, би била далеку побогата држава денес, па и Југославија во целина.
За пример ја имаме Сингапур која беше создадена непосредно после Југославија. За разлика од Комунистичка Југославија, првиот премиер на Сингапур Lee Quan Yew им сврте грб на Комунистите и од петни жили се бореше против нив. Ако Тито го имаше Сталин, Сингапур ја имаше Кина во комшии, значи уште посилно влијание на Комунизмот (така да, да престанеме со глупавиот аргумент, колкав фраер бил Тито, што му прорекол на Сталин и ја фатил Југославија кон т.н. Трет пат).
Од друга страна капиталистички-ориентираниот Lee Quan Yew не беше Тито, немаше хациенди во Менхетен од 50 милиони долари, и уште педесетина вили и викендици низ цела Југославија.
За кратко време изгледаше дека Југославија и предничи на Сингапур, демек дека Комунизмот функционира. Но веќе во 70-тите економските перформанси на Сингапур ја претркаа Југославија, додека Југославија почна да ги жнее плодовите од својот Комунизам. Комунизмот, како и баба ми, функционира беспрекорно во периоди на евтини пари и монетарна експанзија. Сè функционира беспрекорно во периоди на монетарна експанзија, кој сакаш систем аплицирај. Но секнаа ли евтините пари, Комунизмот станува пекол на земјата.
Капиталистичка Сингапур сеуште не запрела. И за време на периоди на монетарна контракција продолжи да јуриша, додека реки крв се лееа во Комунистичките работнички раеви. Ете денес го гледаме каде е Сингапур. Капиталистички Сингапур. Слично со капиталистичка Естонија, капиталистичка Ирска, капиталистички Израел.
Ефектите од Комунистичкото варење мозок кај нас во Македонија и осеќаме и денес, после 30 години – сеуште сме народ што чека проблемите да му ги реши државата. Да го храни државата. Да го пои државата. Народ што не е доволно способен за само-организација, уште помалку за само-иницијатива. Ја браниме нашата зависност од државата со тоа што се криеме зад колективизам, а колективизмот го маскираме со некаков етно-национализам.
Македонецот ги испогани гробовите на неговите историски дејци, кои се бореа за засебна држава каде нејзините жители ќе можат слободно да творат и создаваат, не за монструозниот апарат за гарантирање на колективни привилегии што денес го поистоветуваме со држава.
Благодарение на Комунизмот сеуште гледаме на државата како на дадилка, нешто што Западните цивилизации го надминаа уште пред едно стотина години. Станавме хероински зависници од владини услуги, од владини добра, од нешто за ништо. Потребна ни е државата да се разбудиме наутро, за да заспиеме навечер.
Титовите пионери се проколната, неповратно изгубена генерација.
БЛАЖЕ АРИЗАНОВ, ФБ ПОСТ