Меѓусебните партиски обвинувања се само во интерес на кампањата која партиите наголемо ја тераат иако до локалните избори има уште осум месеци. Најголемата опозициска партија СДСМ носи докази за корупција кај премиерот Христијан Мицкоски, откако тој ги потсети дека му го имаат бројот и може да му се јават. ВМРО-ДПМНЕ секојдневно става на тапет ексфункционери од опозицијата за криминал и корупција и обвинува дека обвинителството и судството ги штити „криминалците“ од СДСМ и од ДУИ. Опозицискиата ДУИ по кој знае кој пат прави ветинг на своите функционери и повикува тоа да го сторат сите партии и институции, а владејачката Вреди по име и презиме им го спроведува ветингот на ДУИ. Ова е само кус извадок од секојдневието на македонската политичка сцена во која партиите се ставени во улога на истражители, антикорупционери, обвинители и судии додека на цел глас врескаат дека насушно ни се потребни реформи во правосудството, независни институции, јасна поделба на властите зашто граѓаните „ич не веруваат ни во институциите ни во судството“. Во тек е и најавуваната од премиерот робусна акција за прочистување на судските и на обвинителските редови, а јавноста „трепери“ дали петтемина членови на Судскиот совет ќе си поднесат оставки по интерпелациите, како и дали републичкиот обвинител ќе си поднесе оставка откако Владата одлучи дека „не го бива“.
Зошто СДСМ потрча „доказите“ против првиот вицепремиер Изет Меџити за наводна корупција, мито, неправилности во работењето и пречекорување на законските овластувања да му ги достави на Мицкоски и откако тој во својство на премиер ги отфрли, му текна да ги однесе во Антикорупциска? Зошто СДСМ, ако е убеден дека Меџити противзаконски работи, „доказите“ не ги однесе во Обвинителството? Начисто ли е СДСМ дали да бара политичка или и кривична одговорност, бидејќи Мицкоски како премиер може Меџити само да го разреши од функцијата, но не и кривично да го гони. На социјалдемократите ни тоа не им успеа, зашто премиерот застана зад Меџити, а СДСМ потфрли во обидот преку првиот вицепремиер „фатен на дело“ да ја разниша Владата, па целата бучава се сведе на партиски пи-ар. ВМРО-ДПМНЕ, пак, за да ја „убеди“ јавноста дека судството и обвинителството се печени за ремонт, секојдневно преку соопштенија и прес-конференци повикува да се казнат „криминалците“ од СДСМ и од ДУИ. Артан Груби, Васко Ковачевски…, кај и да е, ќе ги вратат во земјава за да им суди од ВМРО-ДПМНЕ „реформираното“ правосудство. А најнов аргумент на Мицкоски дека е потребна смена на обвинителот Коцевски е дека СДСМ и ДУИ го бранат. Кога таква е работата тогаш главна причина е власта да работи спротивно на тоа и да избере обвинител – заштитник на правдата, а не на СДСМ и на ДУИ.
Ќе беше смешна да не е трагична информацијата дека ДУИ повторно ќе ги „проветрува“ своите функционери, откако веќе неколкупати спроведе ветинг во партијата. Наместо тоа сами да го сторат, САД им изнедри неколку ликови на „црна листа“. Дали лидерот Али Ахмети самиот верува дека јавноста му верува и за најновиот ветинг во ДУИ, иако во меѓувреме не го тргна Рамиз Мерко од функцијата градоначалник на Струга и од партијата. Мерко е на црната листа на САД и против него има неколку активни судски предмети. Не виде ли Ахмети дека неговиот најблизок соработник или, како што го нарекуваа – алфа и омега во ДУИ – Артан Груби, ќе заврши на црна листа откако против него е во тек истрага за значителна корупција. Ветингот што го најави ДУИ, веќе наголемо, на јавна сцена го „спроведува“ конкурентската Вреди која, пак, мижи за сопствениот двор. Вреди секој ден повикува од политичката сцена да замине некој функционер на ДУИ заради „корупција“ и „злоупотреби“ и од позиција на власт на тапет ги стави Ахмети, Муса Џафери, Бујар Османи, Блерим Беџети, „помагајќи“ им на ДУИ да се реформираат. „Судиите“ од Вреди ги подучуваат интегративците, ако навистина сакаат да се борат против корупцијата да почнат од Ахмети. Но Вреди заборава дека и еден од нивните главни експоненти, Изет Меџити, е 20 години во политиката и ги „прошета“ безмалку сите функции од локално до централно ниво. И пред оваа влада, Арбен Таравари и Билал Касами и Африм Гаши беа дел од власта. Ако партиите сакаат реформирано правосудство, нема самите да се стават во улога на судии и на обвинители и ќе спроведат суштински реформи. Но, партиите знаат дека со меѓусебни обвинувања од типот „држте го крадецот“ најлесно се замајува јавноста и дека со врескање за промени најмалку се остава простор за вистински реформи. Меѓусебните партиски обвинувања се само во интерес на кампањата која партиите наголемо ја тераат иако до локалните избори има уште осум месеци. Мариела Трајковска