Премиерот Христијан Мицкоски најави договор со турската компанија „Казанчи Холдинг“ за изградба на когенеративни централи и на секундарна гасоводна и топловодна мрежа со која домаќинствата ќе имаат пристап до евтин природен гас и до топлина. Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави мегаинвестиција во енергетиката со која ќе се обезбеди и чист амбиентен воздух – ќе се градат гасни централи, а домаќинствата бесплатно ќе се приклучуваат на идните нови топлови и на секундарната гасна мрежа, што ќе ја гради турската компанија„Казанчи Холдинг“.
– Денес имавме средби со раководството на „Казанчи Холдинг“, која со своите енергетски компании што работат под брендот „АКСА“, преставува еден од најголемите енергетски гиганти во својата област. Со повеќе од 25 години искуство, „АКСА Енерџи“ е водечка турска компанија во енергетскиот сектор и клучен глобален инвеститор во одржлива енергија. Компанијата располага со инсталиран капацитет од над 3.500MW во 8 земји. Mнозинскиот сопственик на „АКСА Енерџи“, „Казанчи Холдинг“ работи во 22 земји на четири континенти. Јас во минатото говорев, кога станува збор за решавање на проблемот со загадување на воздухот, дека разговараме со инвеститори кои се заинтересирани за градење на когенеративни гасни централи, кои всушност се единственото трајно решение за загадениот воздух. Сè друго би значело ставање на проблемот под тепих – рече Мицкоски. Станува збор, објасни тој, за когенеративни централи со 500MW инсталиран капацитет кои произведуваат 4,1TWh електрична енергија и 720 GWh топлинска енергија на годишно ниво.
– Токму „Казанчи Холдинг“ е компанијата со која разговараме за изградба на секундарна мрежа на гас и топловодна мрежа која ќе стига до домаќинствата по исклучително поволни услови. Приклучоците на гасоводна и топловодна мрежа се предвидуваат на 0 денари за домаќинствата, а цената на природниот гас за домаќинствата ќе биде многу пониска од онаа цена која е на берзите. Целиот проект, изградба на секундарна гасоводна мрежа, топловодна мрежа и когенеративните централи е димензиониран на инвестиција од над една милијарда евра. Оваа инвестиција не е важна само за трајно решавање на проблемот со загадување на воздухот кој е еден од главните проблеми на граѓаните за кој што сум високо свесен и за кој што ќе ве излажам ако ви кажам дека има брзи решенија, туку и за енергетскиот потенцијал на државата – рече Мицкоски. Инвестициите во ова поле, потенцира премиерот, се гаранција и зацврстување на нашата енергетска независност која во 21 век е всушност и зацврстување на сувереноста на државата во нејзиното одлучување и водење на политика.
– Разговараме за проекти кои се од темелно значење за животната средина, економијата, енергетската независност и стратешкото позиционирање на Македонија. Разговорите продолжуваат и сигурен сум дека за брзо време ќе се договориме и ќе има конкретни чекори во реализација на нивните планови. Само така работиме за иднината на сите граѓани, како премиер ќе дадам се од себе да се реализираат овие работи кои се од децениска и клучна важност за Македонија – рече премиерот Мицкоски.